fbpx

Alfa Romeo ја отфрла Giorgio платформата

Италијанскиот производител Alfa Romeo ќе ја отфрли „извиканата“ и скапа Giorgio платформа, а наместо тоа ќе користи нова архитектура од Stellantis групацијата

Со завршувањето на животниот циклус на Giulia и Stelvio моделите, Alfa Romeo ќе ја напушти својата Giorgio платформа бидејќи истата не е направена да одговори на предизвиците за електрификацијата. Ова го соопшти новиот извршен директор на италијанската компанија, Жан-Филипе Импарато. Тој истакна дека иднините модели на Alfa Romeo ќе ја користат новата STLA-Large архитектура од Stellantis, на која ќе бидат поставени и идните седани и SUV модели на Maserati.

„Работиме на Large платформата од Stellantis и повеќе нема да ја користиме Giorgio. Мораме да ја искористиме предноста на големината за да ги прифатиме сите можности и да го донесеме ЕВ опсегот во Alfa Romeo, но да остане во допир со нашиот бренд“, истакна Импарато, а пренесува Reuters.

Giorgio архитектурата со погон на задните или сите четири тркала е оригинално дизајнирана и развиена со цел да му помогне на италијанскиот бренд во големиот камбек во 2014 година, со тоа што првичните планови на FCA беше да се искористи во не помалку од 15 модели низ различни брендови како Maserati, Dodge, Chrysler и Jeep.

Одложена и премиерата на Tonale

Сепак, со оглед на тоа дека платформата се покажа како прескапа, покрај Alfa Romeo Giulia и Stelvio, единствените други модели кои ја користат или ќе ја користат Giorgio платформата се новиот Jeep Grand Cherokee L и новиот Maserati Grecale кој ќе пристигне кон крајот на оваа година.

Импарато исто така го одложи и лансирањето на Alfa Romeo Tonale, новиот SUV модел на брендот кој ќе биде поставен под Stelvio, поради тоа што смета дека plug-in хибридниот погон не е доволно добар. Новиот Tonale ќе ја користи истата платформа како Jeep Compass.

„Tonale е првиот електрифициран автомобил на Alfa Romeo, па мораме да направиме навистина одлична работа. Кога ќе видите дека Европа наметнува 60% помала емисија на CO2 во 2030 година, ако немате електрифициран погон, тогаш сте мртви. Со Stellantis ја имаме таа предност да му овозможиме на Tonale некои технолошки унапредувања, па одлучив да го унапредиме plug-in хибридниот систем веднаш“, изјави Импарато.

Во подготовка е и уште еден модел

Новиот шеф на Alfa Romeo исто така потврди дека сите идни модели на компанијата ќе бидат или електрифицирани или целосно електрични и дека планираат да произведуваат нов модел во Полска, без да соопштат повеќе детали. Auto News пренесува дека новиот Alfa Romeo ќе биде помал SUV од Tonale кој ќе биде именуван Brennero.

FCA никогаш не објави колку пари инвестирале во Giorgio архитектурата, која е дизајнирана да понуди врвни возачки динамики како конкуренција на германскиот премиум ривали, но беа принудени да отпишат инвестиции во платформата нешто помалку од 800 милиони евра во 2019 година.

„Она што мислам дека е потребно да се поправи е дека не мораме да ја менуваме стратегијата секој ден. Потребна ни е стабилност. Она што го правиме е создавање на план за следните десет години, со првите пет години планирани, проектирани, потврдени и финансирани. Кога ќе го направиме ова, ништо нема да менуваме. По Tonale, ќе направиме прогресивна, годишна презентација на производствениот план вклучително и целосната електрификација на опсегот, но не сакам да го презентирам петгодишниот план сега бидејќи не сакам да давам ветувања кои не би можел да ги остварам“, додаде Импарато.

Поврзани вести

Back to top button