Дизелот поевтинува, бензините остануваат со иста цена
Регулаторната комисија за енергетика ја донесе својата најнова одлука за малопродажните цени на дизелот и бензините во нашата земја
Согласно методологијата за утврдување на цените на нафтените деривати кај нас, Регулаторната комисија за енергетика одлучи да ја намали цената за 1,03 проценти во однос на минатата недела. Конкретно, РКЕ реши да го поевтини дизелот, додека цената на бензинот останува иста.
Во конкретни бројки, ова значи намалување на цената на дизелот за 1,50 денари за литар во однос на претходно, додека малопродажните цени на бензините не се менуваат.
Тоа значи дека од ноќеска на полноќ Еуродизел ќе се точи по цена од 66,50 денари по литар, додека Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 ќе се продаваат по цена од 75, односно 77 денари за литар гориво.
Од РКЕ истакнуваат дека во изминатиот седумдневен период референтните цени на светските берзи во просек бележат намалување кај бензинот за 1,5 проценти, односно кај дизелот за 4,2 проценти.