fbpx

Abarth подготви ново освежување за 595 и 695

Перформансниот бренд на Stellantis, Abarth, подготви ново освежување за моделите 595 и 695 за 2022 моделската година

Додека сме во исчекување Abarth да ја иницира својата електрифицирана ера со хот хеч варијанта на новиот 500 со електричен погон, италијанската компанија подготви уште едно ажурирање за конвенционалните 595 и 695. Моделите добиваат повеќе промени во однос на претходните години со две достапни нивоа на моќност и вкупно четири пакети за персонализирање.

Според Abarth, поставата за 2022 година му оддава почит на инвентивноста на основачот Карло Абарт (1908 – 1979).

Abarth 595 695

Како и да е, Abarth моделите и оваа година ќе бидат понудени со препознатливиот 1,4-литарски четирицилиндричен T-jet мотор со Garrett турбополнач. Агрегатот е компатибилен со Euro 6D Final регулативите за емисии на CO2 и испорачува 165 КС кај 595, односно 180 КС кај 695, отфрлајќи ги помалку моќните верзии за 2022. Моќноста се испраќа на предната осовина преку петстепен мануелец или опционален петстепен автоматски менувач со лопатки. Верзијата 595 од нула до „стотка“ забрзува за 7,3 секунди, додека на помоќниот 695 за истото му се потребни 6,7 секунди.

Секоја верзија со своја специфична одлика

Во претходните моделски години Abarth беше фокусиран на тоа да понуди широк опсег на тримови, но овојпат компанијата ги преименуваше во пакети за персонализација. Ова значи дека купувачите најпрво бираат меѓу 595 и 695, а потоа имаат опција да го додадат стилскиот Turismo (за 595 и 695) или перформансните Competizione (695) и F595 (595) пакетите.

Abarth 595 695

Покрај ова, тука се уште седум дополнителни опции за персонализација како што се – ексклузивниот за 695 – Racing Style пакет кој го вклучува „Spoiler ad Assetto Variabile“ подесувачкиот заден спојлер. Овој додаток дебитираше кај Abarth 695 70 Anniversario во 2019 и исто така беше поставен кај Abarth 695 Essesse минатата година.

Почнувајќи со Abarth 595, овој модел е опремен со 16-инчни тркала од лесна легура, двоен хромиран издувен систем, ретровизори во боја на каросерија, сатенски хромирани акценти, сива контролна табла, 7-инчен инфозабавен екран, тапацир од црн материјал, педали од нерѓосувачки челик и управувач со рамно дно. Исто така пристигнува и со Koni заден систем на потпирање и вентилирачки дискови со 284 милиметри напред и 240 милиметри позади.

Abarth 695 се карактеризира со 17-инчни тркала, сиви акценти на екстериерот и издувниот систем Record Monza со четири завршетоци. Во внатрешноста се наоѓаат Sabelt седиштата, Алкантара тапацир, сива контролна табла, алуминиумска рачка на менувачот и карбон на управувачот. Механички, освен поголемата моќност, 695 добива Koni FSD амортизери на двете оски и поголеми вентилирачки дискови напред со големина од 305 милиметри.

Трим опциите сега се пакети

Кога станува збор за пакетите, 595 Turismo носи со себе сет на полесни Granturismo 17-инчни тркала, сатенски хромирани капаци за ретровизорите, специјални беџови и тапацир од кафена или црна кожа, додека 695 Turismo добива и контролна табла во Алкантара и сончев покрив.

Исто како и Abarth F595 тримот од минатата година, перформансниот F595 пакет се одликува со електронски контролиран Record Monza Sovrapposto издувен систем со вертикално поставени издувни цевки, 17-инчни тркала, мат црна контролна табла и F595 беџови. Исто така добива и Koni систем на потпирање на двете оски. На крајот, 695 Competizione знаменосецот го добива истиот Record Monza Sovrapposto издув, Sabelt седишта со црвени акценти и карбонска школка, како и механички диференцијал со ограничено пролизгување кај верзиите со мануелен менувач.

Abarth 595 695

Abarth не ги откри цените за унапредените 595 и 695, но се претпоставува дека нема да се разликуваат премногу во однос на минатата година.

Поврзани вести

Back to top button