ABT подготви специјално издание на Audi RS6 Avant
Audi RS6 Avant е еден од најатрактивните каравани на светот, а германската тјунерска компанија ABT одлучи да го направи уште подобар
Во чест на основачот на тјунерската компанија ABT, Јохан Абт, германскиот тјунер подготви своја специјална верзија на еден од најатрактивните и најмоќни каравани кои постојат на пазарот, Audi RS6 Avant. Специјалната верзија е наречена Audi RS6 Avant Johann Abt Signature Edition и е ограничен на само 64 примероци. Овој модел е создаден со цел да се одбележат 125 години од постоењето на ABT кој е настанат уште во далечната 1896 година.
Специјалниот модел се напојува со 4,0-литарски V8 мотор кој испорачува 790 КС и 980 Nm максимален вртежен момент, а ова му овозможува од мирување до „стотка“ да стигне за 2,9 секунди. Спринтот до 200 км/ч се достигнува за 9,7 секунди, додека до 300 километри на час стигнува за 28,3 секунди. Бројки кои се навистина импресивни.
Моќноста на агрегатот е зголемена благодарение на турбополначите на ABT, поголемите интеркулери и дополнителниот систем за разладување на маслото. Audi RS6 Avant во ова Johann Abt Signature Edition доби и нова ECU единица, како и нов издувен систем со четири мат црни завршетоци од нерѓосувачки челик со пречник од 102 милиметри.
Покрај сето ова, во работилницата на ABT се погрижија овој моќен караван да добие и адаптивен систем на потпирање, стабилизатори, редизајнирана предна маска и странични елементи направени од карбон. Моделот е поставен на 22-инчни тркала, а секое од нив тежи само 3,5 килограми.
Тјунерската компанија остави свој белег и во внатрешноста, каде седиштата, панелите на вратите, потпирачите за раце и праговите го добиваат натписот „Since 1896“, одбележувајќи ја годината на настанување на компанијата. Интересно, секој автомобил пристигнува со вградени фрагменти од наковалната од оригиналната ABT работилница.