ABT понуди своја адекватна алтернатива за Audi RS8
Audi не произведува RS8, но германската тјунинг компанија ABT на сопствениците на Audi S8 им нуди пакет како алетрнатива за овој модел
Најголемиот, најмоќниот и најлуксузниот модел на Audi уште од првата генерација која беше претставена во 1996 година ја носи ознаката S8, а овој модел во своето четврто издание се напојува со 4,0-литарски V8 турбо мотор кој испорачува 571 КС, што е доволно за спринтот од нула до „стотка“ да се достигне за 3,8 секунди, а максималната брзина изнесува електронски ограничени 250 километри на час. Но, во тјунерската куќа ABT сметаат дека Audi A8 заслужува и своја RS верзија.
Очигледно е дека во ABT сметаат дека перформансите кои ги поседува Audi S8 не се доволни, па дојдоа до идеја на сопствениците на актуелниот Audi S8 да им понудат верзија каква што во Инглоштат, ако одлучат да ја произведуваат, веројатно би ја нуделе со ознаката RS8, која не е во плановите на германскиот производител.
Зад минималните интервенции на надворешноста, каде се наоѓа мал карбонски спојлер на багажникот, се крие ABT S8 со кој може да се нарачаат поинакви и поголеми црни алуминиумски фелни, но суштината на овој проект се однесува на работите кои се направени под хаубата.
Со новата централна управувачка единица, 4,0-литарскиот V8 мотор располага со 700 КС и 880 Nm максимален вртежен момент, што овозможува автомобилот од 0 до 100 km/h да развие за 3,4 секунди, или 0,4 секунди побрзо од стандардниот модел, додека максималната брзина изнесува речиси 270 километри на час. Во Кемптен не пропуштија да нагласат дека нивниот Audi (R)S8 со спринтот до „стотка“ зад себе го остава и актуелниот Porsche 911 Carrera 4S.