Aiways U6ion концептот официјално претставен
Кинескиот производител Aiways официјално пред европската јавност го прикажа своето ново концептно возило Aiways U6ion
Електричниот кинески кросовер требаше да дебитира на Меѓународниот Салон за автомобили во Женева, но како што е познато, истиот е откажан поради коронавирусот. Но, тоа не го спречи Aiways да го претстави својот U6ion концепт, кој пристигнува со интересен изглед кој има примеси на Lamborghini Urus.
Aiways го најави своето концептно возило минатиот месец преку неколку тизер цртежи, а сега официјално го дочека и своето деби. Новата студија го носи називот Aiways U6ion Concept, а станува збор за кросовер-купе со електричен погон. Aiways U6ion концептот е базиран на истата MAS платформа (More Adaptable Structure) како и претходно претставениот сериски модел U5.
Она што привлекува внимание е задниот дел, кој доаѓа до нагло запирање во споредба со подолгата предна страна. Наместо тоа, задниот дел добива коцкаст завршеток и поради некоја причина добива задно крило кое делува непотребно, особено во споредба со кохезивниот преден дизајн. Но, мора да се земе предвид дека од Aiways истакнаа дека најголемиот дел од дизајнот е подреден на аеродинамиката, па веројатно задниот дел го добил овој изглед токму од таа причина.
U6ion концептот го најавува и идниот сериски модел на кинескиот производител, за чиј изглед е заслужен поранешниот шеф на дизајн на Pininfarina, Кен Окујама. U6ion пристигнува со простран ентериер чиј главен елемент е 14,6-инчниот екран чувствителен на допир. Очекувано, концептот е со футуристички дизајн во внатрешноста. Пред возачот се наоѓа уште еден екран, а тука е и необичниот ротационен селектор за брзини, кој изгледа чудно за еден електричен автомобил. Во секој случај, кабината пристигнува со добар дизајн.
Aiways се уште не открива детали за перформансите или автономијата, а за тоа повеќе ќе треба да се дознае подоцна годинава, бидејќи компанијата се подготвува да го лансира својот модел во Европа. Не е исклучено сериската изведба на овој концептен автомобил да го има истиот погонски систем како и споменатиот U5, што подразбира 190 КС и 315 Nm, како и батерии со капацитет од 65 kWh кои овозможуваат автономија од 460 километри.