fbpx

Alfa Romeo ги лансира Giulia GTA и GTAm во Европа

По претставувањето на Giulia GTA и Giulia GTAm моделите пред повеќе од една година, Alfa Romeo конечно ги лансира своите супер седани на пазарот во Европа

Giulia GTA и GTAm моделите се новите супер моќни верзии на седанот на Alfa Romeo, а ограничените модели конечно ќе пристигнат на европскиот пазар, а по тој повод италијанската марка лансираше нова галерија за новите модели. Станува збор за полесни, помоќни и побрзи варијанти во однос на Giulia Quadrifoglio моделот на кој се базирани, а сето тоа е достигнато благодарение на неколкуте унапредувања дизајнирани во соработка со Sauber Engineering, додека во развојот учествуваа и Formula 1 возачите на италијанската марка.

Производството ќе биде ограничено на 500 примероци за Европа, Блискиот Исток и Африка, а поделбата меѓу GTA и GTAm моделите во моментов е околу 50-50. Новата Alfa Romeo Giulia GTA е полесна за 100 килограми од Quadrifoglio благодарение на поголемото користење на лесни материјали низ целиот автомобил, како карбон и други композитни материјали.

Битурбо 2,9-литарскиот V6 мотор е опремен со нов централно позициониран титаниумски издувен систем од Akrapovič и тјуниран ECU систем, со што моќноста достигнува до 540 КС. Инженерите исто така го унапредија и циркулирањето на воздухот во разладувачкиот систем додека моторот се одликува со редизајнирани клипови. Спринтот од нула до „стотка“ се достигнува за само 3,6 секунди, благодарение и на новиот Launch Control систем.

GTA GTAm

Поагресивен и поспортски стајлинг

Giulia GTA и GTAm се опремени со нови 20-инчни тркала од лесна легура со Michelin Cup 2 пневматици и имаат пошироки траги од Quadrifoglio, но GTAm се одликува со нешто поспортски и поагресивен изглед благодарение на масивниот заден спојлер и активниот преден спојлер, кој може да се прошири до 40 милиметри за користење на патеките. GTAm исто така ги отфрла во целост задните седишта, а наместо тоа добива кафез, безбедносни појаси со шест точки, како и странични стакла направени од поликарбонат наместо стакло. Кабината и кај Giulia GTA и GTAm моделите се одликува со целосен Алкантара тапацир.

Цените за новата Alfa Romeo GTA стартува од 175.000 евра, додека Giulia GTAm почнува од 180.000 евра. Секој автомобил ќе пристигне со Bell заштитна кацига со специјален изглед, прекривка за автомобилот и специјални услуги од Alfa Romeo, додека оние кои ќе се одлучат за GTAm исто така ќе добијат и целосен Alpinestars тркачки изглед.

Поврзани вести

Back to top button