Alfa Romeo Giulietta оди во пензија кон крајот на годината
Италијанскиот производител Alfa Romeo и официјално потврди дека производството на моделот Giulietta ќе заврши оваа година
Alfa Romeo Giulietta е на пазарот од 2010 година, а во 2011 година ја забележа најдобрата продажба во Европа кога беа продадени 78.911 примероци. Но, изминатите години ривалите добија нови генерации, додека Giulietta во главно добиваше само благ редизајн и остана речиси иста, на што се должи и драстичниот пад на продажбата со текот на времето. Минатата година во Европа беа продадени само 15.690 единици.
Еден од високорангираните раководители на Alfa Romeo, Фабио Миљавача, изјави дека овој хечбек ќе замине во историјата кон крајот на оваа година. „Се уште немаме точен датум, но последната Giulietta ќе се симне од производствените ленти до крајот на тековната година“, изјави Миљавача. Со тоа, гамата на Alfa Romeo ќе стане уште помала.
Alfa Romeo ќе ја замени Giulietta со кросоверот Tonale
Од Alfa Romeo ќе ја замени Giulietta, но не со директен наследник бидејќи нема да пласира нов хечбек. Наместо тоа, на сцената ќе стапи кросоверот Tonale. Некои жалат што Giulietta заминува, но од Alfa Romeo ветуваат дека новиот компактен кросовер ќе ја понуди истата динамика на возење како и спортскиот хечбек. Концептниот Tonale веќе беше прикажан, а најавено е дека годинава ќе биде прикажана и сериската варијанта. Но, со оглед на тоа дека пандемијата на коронавирусот ја поремети комплетната автомобилска индустрија, можно е да дојде до одложување на премиерата.
Tonale ќе стане првиот plug-in хибрид на Alfa Romeo, а од италијанската компанија работат и на субкомпактен кросовер кој ќе биде поставен под Tonale и Stelvio. Оживувањето на моделите 8C и GTV е откажано, MiTo е веќе во пензија, а во заминување е и 4C спортскиот автомобил. Тоа значи дека Giulia седан ќе остане единствениот автомобил на Alfa покрај трите кросовери.
Дали Alfa Romeo во целост ќе се откаже од C сегментот се уште не е јасно, а не е искучено и италијанскиот бренд да ја врати оваа класа по спојувањето на FCA и PSA групациите.