fbpx

Alfa го подготвува електричниот SUV со помош од Peugeot

Италијанската компанија Alfa Romeo работи на своето прво електрично возило кое се очекува на пазарот во 2022 година

Станува збор за мал SUV кој има за цел да ја унапреди продажбата на италијанскиот премиум бренд. Електричниот компактен SUV на Alfa Romeo ќе има слични димензии со Audi Q2, а неговата улога ќе биде клучна во „оживувањето“ на продажбата на пазарот кој брзо се развива, а во кој законите за емисија на штетните гасови стануваат се построги.

Alfa Romeo во моментов не нуди електрифициран погон, но кон почетокот на идната година ќе се појави SUV со средна големина под називот Tonale, кој ќе биде понуден со plug-in хибриден погон. Уште во 2018 година италијанската компанија ги најави планвоите за враќање на суперавтомобилите 8C и GTV во форма на Giulia купе. Сепак, до крајот на минатата година, стратегијата се фокусираше само на четирите главни модели.

Alfa Romeo

Откако ќе се заврши производството на семејниот хечбек Giulietta оваа година, познато е дека Alfa Romeo ќе ги продава само моделите Giulia и Stelvio. Tonale на патиштата ќе се најде во 2021 година, а по него ќе пристигне помалиот електричен SUV во 2022 година. Компанијата ќе се потпира на двата помали SUV во настојувањето да ја оствари својата цел, а тоа е продажбата на 400.000 автомобили годишно. Вториот SUV ќе биде првиот електричен автомобил на компанијата.

Alfa Romeo го чека спојувањето на FCA и PSA

Сепак, иако нема официјални детали во моментов, Autocar тврди дека има информации за новиот проект на Alfa Romeo. За разлика од моделот Tonalе кој ќе го добие plug-in хибридниот погон на Jeep, субкомпактниот електричен кросовер ќе добие архитектура која ќе му биде достапна по спојувањето на FCA и PSA. Тоа значи дека електричниот кросовер на Alfa Romeo најверојатно ќе ја добие eCMP платформата која веќе се наоѓа кај Peugeot e-2008 и помалиот DS3 Crossback E-Tense.

Проектираните достигнувања во електричната технологија потврдени со спортската природа на Alfa Romeo ќе го направат неименуваниот мал кросовер привлечен за купувачите. Peugeot e-2008 нуди релативно скромни 136 КС и 260 Nm вртежен момент од неговиот единечен електромотор, се очекува еквивалентот на Alfa Romeo да биде помоќен. Исто така, се очекува да добие и поголема автономија на движење според WLTP.

Alfa Romeo

Во изјава за британскиот магазин, портпаролот на Alfа Romeo истакна: „Кога станува збор за електрифицирањето, ние ќе останеме доследни кон спортскиот стил на Alfа Romeo и ќе ги користиме електричните мотори за перформантен пристап. Се обидуваме да ги достигнеме очекувањата на клиентите на Alfa Romeo, но исто така и на оние кои бараат удобност во возењето“. Тој исто така додаде дека новиот EV SUV ќе испорачува вештачки звук преку звучници, но потенцираше дека во внатрешноста на Alfa нема да се најдат „лажни работи“.

Иако не е споменато, би било разумно Alfa Romeo да го понуди својот мал кросовер и со конвенционални мотори, како и да ја намали цената со цел да ја прошири привлечноста на возилото. Ова е сосема точно ако се земе предвид дека Peugeot го нуди својот 2008 и со 1,2-литарски турбо бензински мотор кој испорачува до 155 КС, како и 1,5-литарскиот дизел мотор со 150 КС.

Поврзани вести

Back to top button