Alpina ги освежи и „набилда“ моделите B5 и D5 S
Германската компанија ги обнови своите автомобили B5 и D5 S кои се базирани на BMW Серија 5
Најновите верзии на Alpina B5 и D5 S пристигнуваат за да додадат дополнителни перформанси и луксуз во BMW Серија 5 за оние кои бараат нешто поинакво од она што го нуди познатиот германски производител. Освежените B5 и D5 S се веќе подготвени и достапни за нарачака. Првите испораки се очекуваат во Германија во октомври оваа година. Почетната цена за B5 во Европа би требало да изнесува околу 117.000 евра, односно 120.700 евра за караванската верзија. За дизелскиот D5 S цената е 92.500, додека за караванот цената е 95.500 евра.
Кога станува збор за моделот B5, забележително е дека промените се мали. Сепак, најважното нешто е поголемата моќност во однос на претходниот модел. 4,4-литарскиот V8 мотор сега испорачува 622 КС и 800 Nm максимален вртежен момент, што овозможува спринтот од нула до „стотка“ да се достигне за само 3,4 секунди, односно 3,6 секунди кај караванската верзија. Максималната брзина за лимузинската верзија е 330 километри на час, десет повеќе во однос на попрактичниот караван. Двете верзии пристигнуваат со осумстепен автоматски менувач и погон на сите четири тркала.
Alpina наведува дека поголемата моќност е овозможена со ревидирањето на централната компјутерска единица и унапредувањето на системот за разладување, особено интеркулерот.
Покрај B5, сега и D5 S има поголема моќност во однос на претходно. За оние кои повеќе преферираат дизел мотор на располагање сега имаат 347 КС и дури 700 Nm максимален вртежен момент, а баварската компанија, која во Германија се води како автомобилски производител за разлика од останатите aftermarket компании, истакнува дека во овој модел е имплементиран и благ хибриден 48-волтен систем. Со новите спецификации, D5 S достигнува од нула до 100 километри на час за само 4,8 секунди. Максималната брзина изнесува 285 километри на час.
Од друга страна, естетските промени се навистина суптилни. Променет е изгледот на светлосните групации, поставен е нов заден браник, додека отворите за воздух на предниот дел од возилото се зголемени за 40 проценти. Во кабината најголема новост е ревидираната инструментална табла и инфозабавниот систем. Внатрешноста на B5 e обложена со рачно шиена Lavalina кожа, а навигацискиот систем на BMW се нуди како стандардна опрема. Двата модели се потпираат на адаптивен систем на потпирање, а тука се и препознатливите 20-инчни тркала на Alpina.