Alpine го освежи A110 во пресрет на ЕВ офанзивата
Alpine работи на својот план за нов опсег со три модели и целосно електрична иднина, но во меѓувреме му подготви третман на својот A110 спортски автомобил
Моделите со мотори на внатрешно согорување веќе имаат поставен рок на траење во Alpine, со оглед на тоа дека брендот во сопственост на Renault најави транзиција кон целосно електричните погони во текот на оваа деценија. Но, пред конвенционалните мотори целосно да исчезнат, A110 спортскиот модел доби соодветен освежувачки третман.
Alpine ја унапреди номенклатурата која се користи за нивоата на опременост, со оглед на тоа дека базичниот A110 Pure сега е наречен едноставно A110, додека претходниот Legende е заменет со GT суфиксот. На врвот на понудата A110 S го задржува истото име, но добива дополнителна моќност и сега 1,8-литарскиот мотор од Renault Megane RS испорачува 300 КС и 340 Nm максимален вртежен момент, што е за 12 КС и 20 Nm повеќе од претходно.
На оваа верзија потребни и се 4,2 секунди за да го достигне спринтот од место до „стотка“, а максималната брзина изнесува 275 километри на час. За сопирањето се задолжени Brembo сопирачките со 320-милиметарски дискови на двете оски со портокалови шапи кои се скриени зад 18-инчните тркала.
Механички унапредувања
Alpine A110 S добива и покрута шасија и систем на потпирање за поостро управување и исто така добива и спортски издувен систем. Зависно од нивото на опременост, тежи меѓу 1.102 и 1.140 килограми. A110 GT го добива истиот унапреден мотор и перформансите како S верзијата, но добива повеќе удобности поради својата grand tourer природа. Така, тука се Comfort подесувачките седишта обложени со кожа, предна и задна асистенција за паркирање со камера. Шасијата и системот на потпирање се подесени за помеко возење, а возилото е нешто потешко со тежима меѓу 1.119 и 1.140 килограми.
Базичниот модел, пак, преку својот четирицилиндричен агрегат испорачува 252 КС и 320 Nm. Но, и покрај тоа спринтот го достигнува за 4,5 секунди. Моделот добива помали, 17-инчни тркала и тежи помеѓу 1.102 и 1.140 килограми.
Промени во ентериерот
Без оглед на изборот, Alpine A110 за 2022 година добива ревидирана инфозабава со поддршка за Android Auto и Apple CarPlay. Екранот и понатаму е со димензија од седум инчи и доаѓа со пар USB портови како и Bluetooth. Системот подоцна ќе биде подобрен благодарение на over-the-air софтверските унапредувања за да поддржи Wi-Fi конективност.
Спортскиот автомобил ќе биде достапен на матичниот пазар во Франција од 1 декември и ќе има почетна цена од 59.500 евра за A110, А110 GT ќе чини 69.500, додека A110 S ќе се продава по цена од 71.500 евра.