Alpine ќе опстане, но како производител на електрични возила
Пандемијата на новиот коронавирус зададе голем удар за автомобилската индустрија, а на здравствената криза не остана имун ниту марката Alpine
Renault во 2017 година одлучи да ја оживее марката Alpine, со што светот на автомобилизмот беше збогатен со уште неколку фантастични возила. Некои варијанти на Alpine A110 се ценети и сакани од страна на автомобилските ентузијасти и иако француската марка има своја пазарна ниша и некои дополнителни модели кои допрва треба да бидат претставени, се чини дека Renault ја преиспитува иднината на својата филијала, бидејќи не се истакнува во комерцијална смисла. Имено, постојат големи шанси иднината на Alpine да зависи од електрификацијата.
Според претседателот на Renault, Жан Доминик Сенар, Alpine е прекрасен бренд, така што компанијата смета на оваа марка во иднина, но се разгледува каков бенефит може да и донесе на групацијата. Оваа вест пристигнува по неодамнешната иницијатива на Renault преку електрификација и кратење на трошоците да се заштедат најмалку 2 милијарди евра во следните неколку години.
Покрај тоа, овој потег директно влијае на иднината на Alpine A110, бидејќи фабриката во Диеп, каде што овој автомобил се произведува, ќе биде конвертирана веднаш штом производството ќе заврши. На прашањето поврзано за оваа фабрика, Сенар изјави дека работите не можат да продолжат какви што беа досега, како и дека погонот не произведува доволно возила за да има ветувачка иднина. Renault ќе тежнее кон тоа да и додаде вредност на фабриката во Диеп, а многу работи ќе зависат и од Лука де Мео, кој ќе стане шеф на компанијата во јули.
Renault групацијата планира да се фокусира на развојот на електрични возила од сега па во иднина, така што постои голема веројатност Alpine да се трансформира во производител на спортски електрични автомобили.