Спортскиот седан Jetta во GTI пакување
Германскиот производител на саемот во Чикаго ни ја претстави спортската изведба на компактниот спортски седан Jetta, кој сега доаѓа и со моќност од 228 коњски сили
Седмата генерација на Volkswagen Jetta доби и своја спортска изведба која беше претставена пред американската публика на сеамот во Чикаго кој се одржува овие денови. Oпремена со 2.0 литарскиот четири-цилиндарски турбо мотор кој го користи и Golf GTI, новата Jetta GLI има излезна моќност од 228 коњски сили и вртежен момент од 350 Nm.
За да управуваат со оваа моќност, VW нуди избор помеѓу шест-степен рачен и седум-степен автоматски DSG менувач со двојна спојка, пропратен од старт-стоп функцијата која придонесува за поголема горивна ефикасност.
Благодарение на спортскиот систем за потпирање, GLI е за 1,5 cm пониска од стандардниот модел. Покрај погонскиот агрегат, спортскиот седан користи и други системи од Golf GTI, како 13,4 инчните предни кочни дискови, електронски управуваниот диференцијал со ограничено лизгање и електричниот управувачки систем со варијабилен однос.
Стилските знаци на GTI се забележуваат по целата надворешност на новиот GLI, како и предната црна „саќе“ решетка со карактеристичната црвена линија, црвените кочни шапи, уникатниот заден браник со интегриран дифузер и двојни хромирани издувни цевки. Како дел од стандардната опрема ќе бидат предни LED фарови и сет од 18-инчни алуминиумски фелни карактеристични за овој модел.
Возачката кабина на GLI всушност претставува добро опремена Jetta. Црната внатрешност е нагласена со контрастни црвени детали нанесени на управувачот, менувачот, потпирачот за рака, патосот и секако на спортските седишта.
Основниот пакет на опрема е прилично богат и вклучува се од загреани седишта и двозонска автоматска клима, до амбиентално осветлување од 10 бои, автоматски брисачи, пристап без клуч и инфозабавен систем со Apple CarPlay и Android Auto.
Како дополнителни опции може да се одберат дигитална управувачка табла, 400-ватен Beats аудио систем и др. Што се однесува до динамиката на возењето, возачите на GLI ќе имаат можност да изберат помеѓу четири режими на возење, вклучувајќи и сопствени поставки каде може да се зачуваат поединечни параметри.
Од овој модел, Volkswagen ќе понуди и посебна верзија посветена на 35-годишнината на Jetta, која пак ќе доаѓа со сет од уникатни црни тркала со црвена лента, црн покрив стилски поврзан со капаците од страничните ретровизори, како и соодветни амблеми и ознаки по внатрешноста и надворешноста.
Адаптнивната суспензија ќе биде исто така дел од стандардната опрема на оваа верзија, која ќе може рачно да се прилагоди заедно со петтиот режим за возење.