Apple го претстави Digital Key и го потврди партнерството со BMW
Американскиот технолошки гигант Apple ја искористи својата Worldwide Developers конференција за да го претстави iOS 14 кој пристигнува со функција на дигитален клуч
Дизајниран за да им овозможи на сопствениците на iPhone и Watch лесен и безбеден пристап до своите возила, дигиталниот клуч ќе може да се искористи за отклучување и стартување на компатибилните модели. Кога дигиталниот клуч ќе биде пласиран подоцна во текот на годинава, ексклузивноста за први да ја користат оваа алатка на Apple ќе ја имаат BMW возилата. Дигиталниот клуч ќе користи NFC технологија со цел да им овозможи на корисниците да го доближат телефонот блиску до рачките од вратите за да го отклучат автомобилот. Корисниците ќе можат потоа да го постават нивниот iPhone во поставата за телефон и да го стартуваат моторот.
Со оглед на тоа дека кај сите нови модели повеќе не е потребно да имате физички клуч, им овозможува на сопствениците полесно да го делат својот автомобил со пријателите и семејството. Од BMW велат дека најмногу до пет лица ќе имаат пристап и дека сопственикот, меѓу другото, ќе може да ја ограничи моќноста на автомобилот и максималната брзина.
Од Apple ветуваат дека дигиталниот клуч ќе биде безбеден и ќе функционира до пет часа дури и откако телефонот ќе се исклучи поради празна батерија. BMW открива дека дигиталниот клуч на Apple ќе биде поддржан во моделите од Серија 1, 2, 3, 4, 5, 6, 8, X5, X6, X7, X5M, X6M и Z4 кои се произведени по 1 јули 2020 година, а апликацијата ќе може да се користи во 45 земји. Секако, за дигиталниот клуч заинтересираните сопственици ќе мораат да користат и понов Apple уред како iPhone XR, iPhone XS или понов. Дигиталниот клуч исто така ќе може да се користи на Apple Watch Series 5 или понови.
BMW и Apple подготвуваат уште една соработка
Од Apple потврдија дека работат на дигитален клуч од следната генерација кој користи Ultra Wideband технологија за „просторна свест доставена преку U1 чипот“. Ова не звучи премногу интересно, но ќе им дозволи на луѓето да го отклучуваат автомобилот без притоа да треба да го вадат телефонот од својот џеб или чанта. Оваа технологија ќе биде достапна од следната година и повеќе детали ќе бидат познати пред самото лансирање.
Освен ова, Apple и BMW најавија и „паметни рути“ за електричните возила кои користат Apple Maps. Возачите ќе можат да користат Apple CarPlay за да ја селектираат посакуваната дестинација и Apple Maps тогаш ќе избере „оптимална рута базирана на електричниот домет и автономија и локациите на станиците за полнење кои се наоѓаат попат“. Новата функција ќе биде лансирана на престојниот BMW i4 кој ќе пристигне идната година.