Apple го враќа својот iCar во игра
Во 2016 година не толку тајниот план на Apple за развивање на автомобил, познат под називот Project Titan, наводно беше укинат
Иако пред неколку години Apple одлучи да го укине Project Titan, планот за развој на автомобил, сепак според најновите информации, работите на овој проект се повторно започнати, а компанијата планира да го лансира својот прв автомобил во 2024 година.
Според извештајот од Reuters, Apple ги турка своите планови за изградба на возило за потрошувачи кој ќе се карактеризира со напредни самовозачки технологии. Освен тоа, се наведува дека технолошкиот гигант планира да воведе нов, пионерски дизајн за батерии кои радикално ќе ја намалат ццената на батериите, а притоа ќе се зголеми опсегот на движење на возилото.
Околу тоа кој ќе го прави Apple автомобилот останува нејасно, иако според некои извори кои се запознаени со проектот наведуваат дека компанијата најверојатно ќе ангажира партнер за производство.
Во развојот на автомобилот, според информациите, Apple воспоставил соработка со партнери кои ќе помогнат во набавката на делови за нивниот самовозачки систем, но исто така би можел да користи и некои од своите технологии, вклучително и деривати на интерно развиените Lidar сензори кои се користат во iPhone и iPad Pro.
Reuters исто така наведува дека батериите би можеле да имаат моноќелиски дизајн. Apple исто така го разгледува и користењето на литиум-јонски фосфат кој наводно многу помалку се прегрева во однос на традиционалните литиум-јонски батерии.
Интересно, агенцијата наведува дека се уште постои шанса Apple дефинитивно да одлучи против лансирање на автомобил и може да ги намали своите напори со тоа што ќе развие единствено систем за автономно возење.