Ares подготви „модерен ретро“ изглед за Porsche 964
Луксузниот италијански производител на каросерии, Ares Design, има искуство со создавање на специјални возила, а нов во оваа низа е Porsche 911 Turbo
Компанијата базирана во Модена, Ares Design, која е предводена од некогашниот директор во Lotus и Ferrari, Дани Бахар, има неколку навистина забележителни проекти во својата биографија, како што се Project Pony кој е базиран на Ferrari 412, потоа Panther Progettouno базиран на DeTomaso Pantera и S1 базиран на C8 Corvette. Нивниот најнов проект, кој го користи Porsche 964 911 Turbo како основа, носи голем број промени во ентериерот и екстериерот на автомобилот, кој притоа останува доследен на својата оригинална визија.
Кога станува збор за естетиката, 964 се карактеризира со заден спојлер, петкраки алуминиумски тркала инспирирани од Fuchs, како и „помазен“ преден изглед. Кога станува збор за ентериерот, тој е целосно нов, направен користејќи кожа и ткаенина. Поставени се и нови инструменти, како и PCCM инфозабавниот систем на Porsche. Кога станува збор за она што се наоѓа под хаубата, инжинерите на Ares го унапредија турбо полначот и интеркулерот, со што 3,6-литарскиот шестцилиндерски мотор добива моќност од 431 КС.
Модификациите на системот за потпирање и сопирачките остануваат непознати, но сигурно е дека автомобилот добил и такви подобрување, со оглед на тоа дека автомобилот е поставен пониско.
Од Ares Design велат дека автомобилот е „уникатна креација, создадена од визија на еден ентузијаст кој сакаше да го реализира својот автомобил од соништата. Овој автомобил е подеднакво возбудлив за возење, но и за гледање“, велат од Ares Design.