Aston Martin и Zagato со специјални V12 Vantage Heritage модели
Aston Martin и Zagato создаваат автомобилска уметност веќе со децении, а сега повторно се здружија и креираа две вистински ремек дела
Станува збор за автомобили базирани на стариот модел V12 Vantage, кои се продаваат исклучиво и ексклузивно во пар. Двата автомобили пристигнуваат во купе и speedster варијанта, чии каросерии се направени од карбон и се украсени со златна Z ознака со која се одбележува стогодишнината на италијанската компанија специјализирана за изработка на каросерии, како и 60-годишнината од соработката меѓу дизајнерската куќа и британскиот производител.
Она што е најинтересно е дека моделите, кои официјално го носат името Aston Martin V12 Vantage Zagato Heritage TWINS by R-Reforged, нема да бидат изработени ниту од Aston Martin, ниту од Zagato, туку од R-Reforged, компанија во посед на швајцарската AF Racing Group, a е лиценцирана од страна на Aston Martin и изработува уникатни и сериски ограничени верзии на моделите на британскиот производител.
Автомобилите се ограничени на по 19 примероци, купе верзијата го доби препознатливиот покрив на Zagato, додека speedster моделот, очекувано, нема покрив и со самото тоа е полесен. Heritage автомобилите имаат активен заден спојлер кој се активира автоматски при поголеми брзини со цел да се обезбеди стабилност.
Двата модели ќе добијат и посилни перформанси
Унапредувања и новини има и под хаубата каде е сместен атмосферскиот 5,9-литарски V12 мотор кој развива 600 КС, односно 75 КС повеќе во однос на стандардниот V12 Vantage, како и 37 повеќе во однос на V12 Vantage S.
Автомобилите ќе бидат претставени ова лето, а тоа ќе го направи Марела Риволта Загато која ја води компанијата заедно со нејзиниот сопруг Андреа. Испораките до купувачите се очекуваат во последниот квартал од годината, а поголемиот дел од автомобилите се веќе продадени. Купувачите ќе добијат и специјален подарок, а дизајнерите на Aston Martin ќе ги исполнат нивните желби кога станува збор за специфичното прилагодување. Палетата на бои на екстериерот и ентериерот е неограничена, а купувачите ќе имаат шанса да ја следат работата на нивниот автомобил во погонот на компанијата R-Reforged во Варвик, која исто така е вклучена во изработката на овие автомобили.