Aston Martin ја претстави продукциската верзија на Valhalla
Британскиот производител конечно ја претстави продукциската верзија на својот хибриден суперавтомобил наречен Valhalla
Valhalla моделот на Aston Martin конечно ја доби својата продукциска форма. Станува збор за хибриден суперавтомобил кој за напојувањето користи комбинација на 4,0-литарски V8 мотор со два електромотори со што вкупната моќност на хибридниот склоп изнесува 950 КС.
Британскиот бренд за својот нов автомобил смета дека е огромен чекор напред за компанијата и претставува транформациски момент. Со приклучувањето во растечката класа на хибридни суперавтомобили, новиот Valhalla модел треба да претставува своевиден пресврт во Aston Martin.
Компанијата објасни дека иако новиот автомобил ќе биде технолошко чудо, сепак возачот е оној кој е ставен во центарот на целото искуство. За тоа е задолжен моќниот мотор од Mercedes-AMG кој ги придвижува задните тркала, а максималната моќност ја достигнува при 7.200 вртежи во минута. Двата електромотори се поставени на двете оски, а хибридниот систем додава 204 КС во целото искуство. Автомобилот може да се движи и само на струја и во тој случај моќноста се испраќа на сите четири тркала. Во некои други сценарија, електричната моќнос може да се подели меѓу двете оски. Моќноста се испраќа преку осумстепениот автоматски менувач со двојна спојка кој е развиен ексклузивно за Aston Martin. Целиот систем инкорпорира електронски диференцијал со ограничено пролизгување на задната оска за подобрена управливост.
Од Aston Martin велат дека конвенционалниот мотор и електромоторите можат да работат во различни брзини истовремено за оптимално доставување на моќноста. Ова му овозможува на новиот британски суперавтомобил да испорача 1.000 Nm максимален вртежен момент. Спринтот од нула до „стотка“ се достигнува за 2,5 секунди, додека максималната брзина е 330 километри на час. Во исклучиво електричен режим, Valhalla може да достигне максимална брзина од 130 километри на час. Но, опсегот на движење е само 15 километри.
Aston Martin исто така цели и за тежина пониска од 1.550 килограми. За да го достигне ова, суперавтомобилот е направен околу карбонска шасија за оптимална крутост и тежина. Новиот Valhalla е дизајниран во воздушен тунел и се одликува со напредни активни аеродинамики кои генерираат 600 килограми потисна сила при 241 километри на час.
За совладување на свиоците, Aston Martin користи предна суспензија во стилот на F1 со внатрешно поставени спирали и амортизери. Valhalla ќе користи и специјални Multimatic Variable Spring и Adaptive Spool Valve амортизери за да може да се подесуваат крутоста и перформансите при возењето.
Карбон-керамичките сопирачки со brake-by-wire технологија исто така се вградени кај Aston Martin Valhalla, а пневматиците се специјално дизајнирани од страна на Michelin.
Покрај тоа што е дизајниран како суперавтомобил фокусиран на возачот, Aston Martin не заборави дека претставува луксузен бренд. Кокпитот ќе биде многу поголем отколку кај Valkyrie, а фокусот на ергономијата ќе го направи Valhalla удобен автомобил. Новиот HMI систем им нуди на корисниците екран на допир со Apple CarPlay и Android Auto. Тука е и подесувачкиот управувач, кој ќе овозможи на возачи со различна висина да се чувствуваат удобно на фиксираните седишта. Aston Martin одлучи да го претстави дизајнот на ентериерот подоцна. Исто така, остануваат и уште неколку други мистерии како што е датумот на производство и цената на автомобилот.