fbpx

Aston Martin планира нови верзии на DBX

Во Aston Martin имаат доволно причини да бидат задоволни од начинот на кој нивниот луксузен кросовер DBX е прифатен на пазарот

Aston Martin минатата година го претстави својот прв SUV модел DBX во својата 106-годишна историја. Британската компанија најавува дека нивниот кросовер DBX наскоро ќе добие проширена понуда. Поточно, од следната година се очекуваат првите додатоци во неговата гама, но засега не е познато за какви верзии станува збор. Според некои извори, можна е варијанта со продолжено меѓуосовинско растојание наменето пред се за кинескиот и американскиот пазар.

Според информациите, постојат две опции за Aston Martin. Првата се однесува на евентуална промоција на нов, елегантен SUV со форма на купе, додека втората споменува модел со повисока позиција на седење која ќе може да понуди превоз за најмногу седум лица. DBX исто така би можел да добие и хибриден погонски систем со V6 мотор за чиј развој би биле задолжени компаниските инженери. Овој термален мотор би требало да го замени актуелниот агрегат кој Британците го позајмуваат од AMG одделението на Mercedes.

Стандардниот Aston Martin DBX инаку се напојува со 4,0-литарскиот twin-turbo V8 мотор на AMG кој развива 550 КС и 700 Nm. Моќноста се пренесува на сите четири тркала благодарение на деветстепен автоматски менувач. Забрзувањето од нула до „стотка“ се достигнува за 4,3 секунди, а максималната брзина е 293 километри на час. Притоа треба да се напомене дека тежината на возилото е 2.245 килограми.

За Aston Martin DBX се предвидени и адаптивен систем на потпирање, LED задни светла, панорамски стаклен покрив, трокрак кожен волан, кожа и алкантара во ентериерот, 12,3-инчна дигитална инструмент табла, 10,25-инчен екран на допир за инфозабавниот систем, Appel CarPlay, како и камера систем од 360 степени.

Поврзани вести

Back to top button