Aston Martin подготви AMR23 верзија за DBX707
Aston Martin ја претстави новата специјална верзија на својот перформансен SUV DBX707 која ја носи ознаката AMR23 во чест на F1 болидот
Aston Martin има одличен почеток на годината во Formula 1 шампионатот, моментално е втор во конструкторскиот поредок благодарение на настапите на подиумот на Фернандо Алонсо. За да го прослави тој моментум, марката откри специјално издание на DBX707, што ја отсликува бојата на едноседот AMR23 F1 и официјалниот медицински автомобил.
Aston Martin DBX707 AMR23 Edition е обоен во специјална Podium Green нијанса во комбинација со Lime акценти на боди-китот од карбон. 23-инчните алуминиумски тркала имаат дизајн со повеќе краци и мат црна завршница, додека шапите на сопирачките зад нив се обоени во Racing Green. Конечно, значките „Q by Aston Martin“ на предните браници дополнително укажуваат дека ова е специјален DBX.
Ако го оставиме настрана недостатокот на кровни светла и F1 графиката, плус некои зацрнети карактеристики, DBX707 AMR23 Edition лесно може да се помеша со официјалниот медицински автомобил на FIA од овогодинешниот шампионат во F1.
Ситуацијата е поинаква внатре, бидејќи комплетот за итни случаи го отстапи местото на полуксузна и спортска кабина. Тапацирот Onyx Black има акценти на Eifel Green и шевовите во Lime кои одговараат на амблемот на Aston Martin на потпирачите за глава. Изобилие на карбон има и на централната конзола, таблата со инструменти, панелите на вратите и наслоните на седиштата. Конечно, праговите на вратите се украсени со логото AMR23 како уште една референца за болидот.
Без промени под хаубата
Специјалното издание нема никакви механички надградби, бидејќи DBX707 веќе доаѓа со битурбо 4,0-литарски V8 мотор кој произведува здрави 707 КС и 900 Nm вртежен момент. Тие бројки се доволни за спринтот од место до „стотка“ да се достигне за 3,2 секунди и да овозможат максимална брзина од 310 километри на час, што го става во пантеонот на најбрзите сериски теренци. Понатаму, DBX707 има уникатно поставување на суспензијата и понапредна аеродинамика од обичниот DBX.
Aston Martin не прецизираше колку единици од DBX707 AMR23 Edition ќе бидат достапни, но моделот на специјалното издание е веќе достапен за нарачка, заедно со „дополнителни AMR23 highlights“. Исто така, не ја знаеме цената на специјалното издание, но ништо што доаѓа од дивизијата „Q by Aston Martin“ не е евтино.