Aston Martin се пофали со новиот 3.0 V6 twin turbo „ѕвер“
Aston Martin го претстави својот нов агрегат кој ќе биде задолжен за напојувањето на Valhalla хиперавтомобилот кој се очекува во 2022 година
Aston Martin Valhalla ќе добие нов 3,0-литарски Twin Turbo V6 мотор со хибридна асистенција, според најновото соопштение од компанијата. Новиот мотор е под кодното име TM01 што е омаж за поранешниот инженер на компанијата Тадек Марек од педесеттите и шеесеттите години на минатиот век. Од Aston Martin велат дека ова е прв мотор кој е целосно произведен и дизајниран од страна на компанијата уште од 1968 година.
Новиот мотор на Aston Martin има „Hot V“ конфигурација која му овозможува добра моќност, поддршка за електрификација и има тежина помала од 200 килограми. Моторот исто така ќе има систем на сув резервоар, а во Valhalla ќе биде во комбинација со хибриден систем, за кој се уште не се откриваат детали. Исто така е дизајниран да ги исполни сите идни барања за емисија на штетни гасови Euro 7.
https://youtu.be/zkp-IgwTpAM
„Овој проект од самиот почеток беше голем предизвик. Од самиот почеток имавме слобода да истражуваме и да инвоираме на начин на кој тоа не можевме да го правиме долго време. Она што е најважно, сакавме да создадеме нешто што ќе донесе револуција и ќе направи Valhalla да биде посилен од конкуренцијата“, изјави главниот инженер на погонскиот склоп Јорг Рос.
„Инвестирањето во свој погонски склоп е комплицирана работа, но нашиот тим се исправи пред предизвикот. Овој мотор ќе биде интегрален дел од нашите големи планови, а првите назнаки за спобоностите кои овој мотор ќе ги достигне се исклучително ветувачки“, изјави првиот човек на Aston Martin Енди Палмер.
Перформансните детали за Valhalla остануваат тајна
Aston Martin се уште не ги потврди спецификациите за погонскиот склоп. Меѓутоа, официјалната документација доставена до дистрибутерите на Valhalla минатата година потврди дека британскиот производител цели кон 1.000 КС. Моторот ќе биде во комбинација со осумстепен менувач со двојна спојка инспириран од Formula 1. Aston Martin очекува хиперавтомобилот од нула до „стотка“ да стигнува за 2,5 секунди, а максималната брзина да изнесува 354 километри на час. Исто како и за престојниот Valkyrie, Aston Martin соработува со Red Bull Advanced Technologies и Formula 1 инженерот Ејдриен Њуи на дизајнот на овој автомобил.
Производството на овој автомобил е ограничена на само 500 единици за глобално ниво, а почетната цена изнесува 875.000 фунти.