Aston Martin се пофали со Spider верзијата на Valkyrie
Британскиот производител Aston Martin премиерно ја прикажа Spider верзијата на својот моќен Valkyrie хиперавтомобил
Spider варијантата на супермоќниот Valkyrie хиперавтомобил на Aston Martin ја доживеа својата премиера. Овој модел се напојува со идентичниот хибриден погон, а специјалната верзија без покрив ќе биде ограничена на само 85 примероци.
Британската марка посочува дека новиот Valkyrie Spider е најбрзото возило со отворен покрив кое некогаш го има произведено, без притоа да се наруши оригиналниот дизајн на Едриен Њуи. Како резултат на сето ова, промените на дизајнот направени од техничкиот директор на Red Bull Racing се ограничени отстранувањето на класичните „gullwing“ вратите, во замена за врати кои се специјално развиени за Valkyrie Spider. Отстранливиот горен панел е создаден за да ги задржи перформансите од верзијата со фиксиран покрив, додека додавањето на дополнителна тежина е ограничено на минимум.
Како што веќе напоменавме, Valkyrie Spider го задржува погонот на „обичниот“ модел, а тоа е 6,5-литарскиот V12 мотор развиен заедно со Cosworth кој достигнува до над 11.000 вртежи во минута. Моторот е дел од хибридната поставка со електромотор развиен од Rimac, кој му овозможува на хиперавтомобилот да развие вкупна моќност од 1.155 КС.
Со двата поликарбонатни покривни панели отстранети, Valkyrie Spider може да достигне максимална брзина од над 330 километри на час, а ако истите се монтираат, максималната брзина достигнува и до 350 километри на час. Бројките за забрзувањето не се објавени.
Испораките до потенцијалните купувачи ќе започнат во втората половина од следната година. Од редовите на компанијата напоменуваат дека Valkyrie Ѕpider веќе генерирал поголем интерес кај клиентите, отколку што е планираното производство.