Електричниот кросовер на Audi со автономија од 400 km
Германскиот производител Audi го покажа својот прв електричен кросовер, e-tron, на Салонот за автомобили во Женева, но не објави никакви технички карактеристики
Сега компанијата од Инголштат конечно објави детали за сериската верзија на моделот.
Според нив Audi e-tron ќе може да мине 400 километри со едно полнење според новиот циклус за мерење WLTP, кој ги заменува претходните стандарди NEDC во Европа, FTP-75 во САД и JC08 во Јапонија. За споредба, Tesla Model X со акумулатори од 100 kW/h има опсег од 542 km (стариот NEDC), а новата Hyndai Kona во електрична верзија 470 km (според WLTP стандардот) со своите батерии со капацитет од 64 kW/h.
Електричниот кросовер на Аudi е опремен со литиум-јонски батерии со капацитет од 95 kW/h. Може да се напојува само за 30 минути од посебни 150 киловатни станици, кои сеуште не се изградени.
Во компанијата предвидуваат до 2020 година во Европада да се појават околу 400 такви уреди за брзо полнење, кои ќе бидат распоредени по главните автопати на континентот и растојанието меѓу нив ќе биде околу 120 километри.
Сериската верзија на e-tron ќе се дебитира во текот на летото и ќе биде составувана во погоните во Брисел. Цената на моделот ќе изнесува најмалку 80.000 евра (2.000 евра помалку од хибридниот Q7 e-tron). За споредба, Tesla Model X P100D чини 132.000 евра.