Audi ги објави првите тизери за RS 3
Новиот RS 3 се приближува кон својата продукциска верзија, откако Audi ја започна тизер кампањата за перформансниот хечбек и седан
По неколку години шпиунски фотографии и шпекулации, Audi се подготвува да ја претстави новата генерација на RS 3. Во објавата за успехот на нивната RS постава, се појавија и првите тизер фотографии кои ги прикажуваат најмалите автомобили од семејството. Audi RS 3 во хечбек и седан изведба се целосно камуфлирани, иако Audi Sport камуфлажата речиси и да не сокрива ништо, а бројките „1-2-4-5-3“ кои се наоѓаат на самите возила посочуваат дека под хаубата ќе се наоѓа петцилиндерски, 2,5-литарски турбо бензински мотор. Истиот TFSI агрегат е задолжен за напојувањето на RS Q3 и TT RS моделите и е еден од малкуте преостанати петцилиндерски мотори.
Двата модели се одликуваат со агресивна и спортска предница и уникатна шема на решетката. Автомобилите се исто така опремени и со поспортски отвори за воздух и преден сплитер. На страниците се наоѓаат и вентилациските отвори на крилата, како и аеродинамичните странични прагови. Audi RS 3 моделите исто така се опремени и со тркала од лесна легура зад кои се наоѓа високоперформансниот сопирачки систем. На задниот дел се наоѓаат вентилирачкиот заден браник и масивниот двоен издувен систем.
Кога станува збор за моторот, треба да се истакне дека истиот кај RS Q3 испорачува 400 КС и 480 Nm максимален вртежен момент. Агрегатот е поврзан со седумстепен S Tronic трансмисија кој ја испраќа моќноста стандардно на сите четири тркала. Ова му овозможува на кросоверот да забрза од нула до „стотка“ за 4,5 секунди и да достигне максимална брзина од 250 километри на час.
Audi останува таинствен за автомобилите, но тизерите се објавени како дел од обидот да се нагласат нивните напори за одржливост. Конкретно, компанијата вели дека очекуваат да понудат ги понудат повеќе од половина од нивните високоперформансни модели во делумна или целосно електрифицирана форма до 2024 година.