fbpx

Audi ги потврди плановите за трансформација во ЕВ бренд

По шпекулациите кои траат веќе некое време, Audi официјално ги најави своите планови за исфрлање на моторите со внатрешно согорување

Околу плановите на Audi за исфрлање на моторите со внатрешно согорување се зборува веќе некое време, а сега сето тоа е и официјално, откако германскиот производител во соопштение потврди дека „производството на последните комплетно новоразвиени мотори на внатрешно согорување на Audi ќе започне за само четири години“. Со ова треба да се означи крај на една ера, бидејќи почнувајќи од 2026 година, Audi ќе лансира исклучиво електрични возила.

Со оглед на тоа дека овој датум и не е така далеку, компанијата ја забрзува својата транзција кон електричната мобилност. Како дел од овие напори, производителот „значително ќе го зголеми својот опсег“ на електрични возила и цели кон тоа да има повеќе од 20 ЕВ во својата постава до 2025 година. Од компанијата додаваат и дека „со новите e-Tron GT, RS e-Tron GT, Q4 e-Tron и Q4 Sportback e-Tron моделите, Audi веќе лансира повеќе електрични автомобили отколку модели со мотори на внатрешно соговорување оваа година“.

И додека Audi се насочува кон електрификацијата, компанијата нема на сила да ги исфрли конвенционалните мотори. Наместо тоа, производителот истакна дека развојот ќе продолжи „се до финалното исклучување од понудата“. Со оглед на ова, извршниот директор Маркус Дуесман истакна дека „последниот мотор на внатрешно согорување на Audi ќе биде најдобриот кој компанијата некогаш го има произведено“.

Аudi планира целосно да ги исфрли конвенционалните мотори до 2033 година. Како што Дуесман објаснува, „точниот тајминг на исклучувањето на моторите на внатрешно согорување во Audi ќе биде одлучен од страна на клиентите. Компанијата очекува да има континуирана побарувачка во Кина и по 2033 година, поради што би можело да има испорака на возила со конвенционални мотори кои ќе се произведуваат локално“.

Поврзани вести

Back to top button