fbpx

Audi ги сподели првите детали за новиот RS3

Audi Sport ги објави првите технички детали за новата генерација на перформансниот RS3 кој ќе ја доживее својата премиера подоцна оваа година

Новата генерација на RS3 е во подготовка, а во меѓувреме Audi ги објави првите информации околу спецификациите на својот перформансен модел. Како и претходно, RS3 ќе биде достапен во Sportback и Sedan верзии.

Како што се очекуваше, новиот Audi RS3 ќе продолжи да го користи турбо 2,5-литарскиот петцилиндричен мотор кој кај новиот модел испорачува поголем вртежен момент и истата моќност. Тоа значи 400 КС и 500 Nm максимален вртежен момент, што е за 20 Nm повеќе отколку кај претходната генерација. И покрај малото зголемување на вртежниот момент, од Audi велат дека новиот RS3 е за 0,3 секунди побрз од својот претходник кога станува збор за спринтот од нула до „стотка“, достигнувајќи резултат од импресивни 3,8 секунди. Како опција, Audi нуди можност новиот RS3 да развива до 290 километри на час максимална брзина.

RS3

Нов систем за поголема динамика

Сепак, најголемата карактеристика кај новиот Audi RS3 ќе биде на задната оска. Audi Sport го нарекува RS Torque Splitter и е поставка која нуди активно целосно варијабилно векторирање на максималниот вртежен момент меѓу задните тркала. За разлика од задниот диференцијал кај претходниот модел, новиот RS Torque Splitter се одликува со еден електронски контролиран пакет од повеќе спојки на секој крај со своја сопствена контролна единица. Резултатот, според Audi, е подобра стабилност и максимална агилност. При влегувањето во свиоците, системот испраќа вртежен момент на надворешното задно тркало додека е во RS Torque Rear режимот, со што Torque Splitter системот му овозможува на новиот RS3 да извршува „контролирани дрифтови на затворени патишта“.

RS3

Возачите можат да ја конфигурираат поставката на овој систем по свој вкус преку Audi Drive Select. Ќе постојат пет различни режими од кои ќе може да се избира, вклучително и Comfort/Efficiency, Auto, Dynamic, RS Performance и RS Torque Rear.

Премиерата ќе се одржи наскоро

Моторот ја нуди својата најголема моќност меѓу 5.600 и 7.000 вртежи во минута, што побрзо и подолго од претходниот модел и повторно пристигнува со седумстепен автоматски менувач со двојна спојка, што кај новиот модел се одликува со поробусен дизајн и комуницира со остатокот од возачките компоненти, вклучително и системот за „контрола на лансирање“, за менување на брзините во пократок рок.

Новиот RS3 ќе биде поставен и на покрути амортизери, а каросеријата ќе биде поставена 10 милиметри пониско од S3, односно 25 милиметри во однос на А3. Купувачите како опција ќе можат да го изберат RS Sport Suspension Plus со адаптивни амортизери.

Audi ќе ги претстави сите детали за новиот RS3 во текот на јули.

Поврзани вести

Back to top button