Audi го освежи A8 со унапреден изглед и повеќе технологија
Неколку дена по претставувањето на A8 L Horch за кинескиот пазар, Audi ја претстави комплетно освежената A8 постава
Audi се подготвува целосно да ја електрифицира поставата на својот знаменосец A8 во 2024 година, но пред тоа, германскиот производител одлучи сериозно да ја освежи поставата на својот модел. Со оглед на тоа дека актуелната, четврта генерација на A8 беше лансирана во 2017 година, јасно е дека дојде време за унапредување на средина на животниот циклус.
Освежениот модел пристигнува со серија на визуелни унапредувања фокусирани на предниот дел, нови опции за бојата на екстериерот, додавање на S Line пакетот кој е за првпат достапен кај A8, како и уште повеќе технологија во луксузната кабина.
A8 е инстантно препознатлив како најдолгиот, најимпонирачкиот и најлуксузниот модел на Audi. Сепак, сега добива третман кој прави да се истакнува уште повеќе. На предниот дел е решетката која има различен финиш зависно од тоа дали станува збор за A8, A8 L или S8 варијанта. Редизајнираниот браник добива поголеми отвори за воздух обрамени со хромирани елементи. Новиот пар на фарови добиваат Digital Matrix LED технологија.
На профилот нема многу промени, но треба да се истакнат новите дизајни за тркалата кои варираат во големината од 18 до 21 инчи. Промените на задниот дел се нешто посуптилни, каде дигиталните OLED светла се стандарден дел од опремата кои добиваат карактеристика за индикација на блискост и се светат посилно кога друго возило се доближува на два метри од A8.
S Line пакетот е достапен за првпат кај овој модел и со себе носи еден поспортски изглед. S8 перформансната варијанта, пак, може да се препознае по четвртастите издувни цевки и дифузерот.
Кога станува збор за должината, „обичната“ A8 е долга 5,19 метри, S8 е 5,20 поради различните браници, додека A8 L е 5,32 метри поради продолженото меѓуоскино растојание. Сите варијанти добиваат каросерија сочинета 58 проценти од алуминиумси делови и полимерни компоненти засилени со карбон.
Луксуз и технологии наменети за патниците
Во внатрешноста, дигиталниот кокпит е сочинет од 10,1-инчен инструмент кластер, опционален head-up екран и 8,6-инчен екран на допир кој го добива најновиот MIB3 инфозабавен систем. Освежениот модел носи со себе и пар 10,1-инчни Full HD екрани за забава за задните патници кои исто така добиваат и Matrix LED светла за читање и Bang & Olufsen напреден аудио систем со 1.920 ватен засилувач и 23 звучници.
Audi нуди голем број опции за задните седишта, вклучително и релаксациските седишта во A8 L варијантата со голем број подесувања, електронски подесувачки потпирачи за глава, масажа за грбот со 18 пневматски перничиња и простор за одмарање на нозете кој пристигнува со функции за греење и масажа. Стандардниот тапацир на седиштата е Valetta кожа со Valcona кожа како опција. Опремата исто вклучува четири-зонски делукс автоматски клима уред, јонизатор и мирис, како и преграда за бар меѓу задните седишта.
Моќна моторна постава
Поставата на мотори кај освежениот A8 е сочинета од 3.0 TFSI V6, 4.0 TFSI V8, битурбо 4.0 TFSI V8 и 3.0 TDI турбодизелот, како и престојната plug-in хибридна варијанта. Сите варијанти на A8 ексклузивно се нудат со осумстепен автоматски менувач, додека бензинските мотори добиваат и 48-волтна блага хибридна технологија.
Audi A8 55 TFSI со трилитарскиот бензински мотор испорачува 340 КС и 500 Nm, додека помоќната A8 60 TFSI Quattro со 4,0-литарскиот V8 испорачува 460 КС и 660 Nm, овозможувајќи забрзување од нула до „стотка“ за 4,4 секунди.
Перформансниот знаменосец S8 e опремен со битурбо 4,0-литарскиот V8 кој испорачува 571 КС и 800 Nm. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч се стигнува за 3,8 секунди. Покрај стандардниот Quattro систем, S8 пристигнува и со предвидлив активен систем на потпирање, спортски диференцијал и динамично управување на сите четири тркала.
Продажбата на освежениот Audi A8 во Европа ќе стартува во декември. Во Германија, цените ќе започнуваат од 99.500 евра за базичниот A8 50 TDI, додека Audi S8 ќе почнува од 144.800 евра.