fbpx

Audi го претстави електричниот A6 Avant e-Tron

Audi премиерно го покажа A6 Avant e-Tron електричниот концепт кој е базиран на A6 Sportback e-Tron концептот прикажан во 2021 година

Караванската изведба на A6 Sportback e-Tron, концепт кој дебитираше на Салонот во Шангај во 2021 година, официјално дебитира како ЕВ верзија со препознатливата караванска силуета на Audi со суфиксот Avant.

И покрај тоа што станува збор за концепт, германскиот производител јасно посочува дека тука не станува збор за единечен дизајнерски приказ, туку A6 Avant e-Tron треба да претставува најава за идниот продукциски модел кој треба да пристигне на пазарот во 2024.

Audi A6 Avant e-Tron Concept

Audi го надоградува своето Avant наследство

Audi е познат по своите спектакуларни каравани, а A6 Avant e-Tron концептот без дилеми го продолжува тоа наследство. Ликот на моделот е релативно препознатлив, бидејќи е споделен со A6 Sportback e-Tron. Сепак, мала разлика е забележлива кај решетката. Го задржува препознатливиот затворен изглед на e-Tron линијата, но добива понагласени елементи за дополнителна доза на агресивност, кои се комплементирани со 22-инчни тркала.

Audi A6 Avant e-Tron Concept

Иако станува збор за караванска изведба, A6 Avant e-Tron ги споделува своите витални статистики со A6 e-Tron концептот кој дебитираше минатата година. Должината изнесува 4,96 метри, ширината е 1,96, а висината 1,44 метри. Avant концептот, како што е традиционално кај e-Tron моделите, наместо класични ретровизори добива камери, а Avant моделот ги има и истите персонализирачки LED светла кои се појавија кај A6 Sportback концептот.

Audi A6 Avant e-Tron Concept

Задниот дел привлекува најголемо внимание. Високата става со елегантниот дизајн е нагласена со светлечката лента која наликува како втор спојлер, а од Audi велат дека дизајнот навистина е аеродинамино ефикасен. Под задната врата се наоѓа дифузерот чии линии се интегрираат во задниот браник.

Наменет за производство

Avant концептот е предвесник на продукцискиот автомобил, за кој Audi потврди дека ќе се најде во сериско производство во 2024. Секако, дел од аспектите на A6 e-Tron остануваат мистерија, како што е изгледот на ентериерот, или колкава пространост ќе понудат моделите.

Audi A6 Avant e-Tron Concept

Сепак, настрана од севкупниот дизајн, фокусот секако е и на погонот, со цел опсег на перформансни опции кои се планирани. Базичните опции воопшто нема да бидат бавни и според најавите од нула до „стотка“ ќе стигнуваат за помалку од седум секунди. Перформансните верзии ќе ја намалат таа бројка на под четири секунди.

Audi планира да го опреми A6 e-Tron со моќната 800-волтна технологија, 270 kW полначки капацитет и автономија на движење од 700 километри со едно полнење. Овие очекувања се далеку над актуелните можности на електричните возила на Audi, од кои повеќето имаат опсег на движење од 400 километри. Avant во овој случај користи 100 kWh батерија, заедно со 800-волтен полначки систем, благодарение на кој 80 проценти од батеријата се полни за 25 минути.

Audi A6 Avant e-Tron Concept

A6 e-Tron Sportback и Avant концептите се првите автомобили кои се дизајнирани на PPE платформата на Audi. PPE, или Premium Platform Electric, е модуларен систем заеднички развиен со Porsche.

Првиот продукциски модел базиран на PPE платформата ќе биде претстсавен во 2023 година за кој е потврдено дека ќе биде Q6 e-Tron. Но, од Audi велат дека нивната PPE платформа е дизајнирана и за повисок клиренс и за пониски возила.

Audi A6 Avant e-Tron Concept

Audi претходно потврди дека почнувајќи од 2026 ќе лансира исклучиво целосно електрични возила. Затоа, воопшто не е изненадување што легендарната Avant форма евентуално ќе ја добие и батериската технологија.

Поврзани вести

Back to top button