fbpx

Audi ја претстави четвртата генерација на A3 Sportback

Германскиот производител од Инглоштат ја презентираше четвртата генерација на својот премиум компактен хечбек која пристигнува со неколку промени

Audi A3 Sportback е конечно подготвен да влезе во својата четврта генерација со револуционерна надворешност и поинаква внатрешност која според многумина има влијание од Lamborghini. Новиот модел на германскиот производител пристигнува без досегашната каросерија со три врати со оглед на малата побарувачка, а подоцна во текот на годината ќе пристигне и седан верзијата, но во моментов Audi фокусот го става на својот хечбек.

Иако кампањата за A3 вклучуваше и фотографии за перформансниот S3, засега фановите ќе мораат да се задоволат со регуларната верзија. Новата генерација на A3 Sportback доаѓа за три сантиметри подолг (4.34 метри) и поширок (1,82 метри) во однос на својот претходник. Како и речиси секој автомобил на групацијата на Volkswagen, надворешниот стил продолжува по револуционерниот пат и го следи новиот дизајнерски јазик на Audi кога станува збор за предните и задни светла. Интересно е што дневните светла ќе бидат различни во однос на верзијата на моделот (S Line, S3, RS3), а купувачите како опција ќе можат да добијат и Matrix LED светла кои се почесто се среќаваат во компактниот сегмент.

Audi A3 Sportback

Audi A3, секако, ќе биде поставен на MQB платформата, а основниот модел ќе пристигне со 16-инчни тркала, додека како опција ќе се нудат и 19-инчни алуминиумски тркала. Опционалниот систем на потпирање ќе го доближи автомобилот до патот за 10 милиметри, додека спортскиот систем за потпирање ќе ја намали висината на возењето за 15 милиметри со цел да се овозможи поагилно ракување.

Целосно нов ентериер

И додека надворешноста не е големо изненадување, кабината мина низ темелна промена и сега пристигнува со дигитална инструмент табла со големина од 10,25 инчи, кој опционионално може да се замени со 12,3-инчен екран. Инфозабавниот систем пристигнува со 10,1-инчен екран на допир, а целиот систем е за десет пати помоќен од претходниот и е уредно интегриран во средишната конзола, што е различно во однос на претходниот модел.

Новиот A3, за разлика од поголемите и поскапите модели на Audi, не добива секундарен екран на допир за клима-уредот, туку пристигнува со традиционални копчиња под инфозабавниот систем кои обезбедуваат брз пристап до најчестите опции, наместо да треба да вртите низ повеќе менија низ екранот на допир, што веројатно е многу попрактично.

Audi A3 пристигнува со очекуваните мотори кои пристигнаа со најновиот бран на компактни автомобили базирани на MQB платформата, како што е 1,5-литарскиот TSI мотор кој пристигнува во традиционална верзија и со блага хибридна варијанта. Двата агрегати произведуваат 150 КС, а друштво им прави и помалата 1,0-литарска трицилиндрична единица со 110 КС. Кога станува збор за дизелските варијанти, пристигнува 2,0-литарски TDI мотор со 116 КС, како и помоќна варијанта со 150 КС. Купувачите ќе можат да бираат меѓу шестстепен мануелен менувач или седумстепен менувач со двојна спојка.

Audi ќе ја збогати понудата за A3

На почетокот Audi A3 Sportback ќе пристигне со погон на предните тркала, но многу брзо ќе се приклучат и Quattro моделите во поставата. Се очекуваат и дополнителни мотори во понудата, а на врвот се очекува 2,5-литарскиот петцилиндричен мотор од RS3 со околу 400 КС. Две plug-in хибридни верзии кои ќе го користат истиот систем (1.4 TSI со електричен мотор и шестстепен DSG) како кај електрифицираниот Golf исто така се во плановите со одреден електричен опсег кој е погоден за градските средини.

Audi веќе прима нарачки за A3 во Германија и ќе започне со испорака за купувачите во мај, при што оние најбрзите ќе го добијат моделот Edition One кој ќе пристигне со дел од опционалната опрема. Почетната цена за возилото изнесува 28.900 евра.

Поврзани вести

Back to top button