Audi подготви Competition пакети за пет свои модели
Во една единствена објава, германски Audi најави серија на унапредувања за моделите A1, A4, A5, Q7 и Q8
Audi A1, A4, A5, Q7 и Q8 добиваат унапреден и поспортски стајлинг на Стариот континент со претставувањето на S Line Competition и S Line Competition Plus пакетите.
Почнувајќи со кросоверите, Q7 и Q8 ја добиваат новата S Line Competition Plus варијанта. Овој пакет ја користи S Line опремата на екстериерот, но ја проширува и нагласува со нови црни компоненти за решетката, затемнетите беџоци и 21-инчни алуминиумски тркала. Капаците од ретровизорите и внатрешноста на вратите се со карбон финиш, а моделите добиваат и црвени сопирачки.
Како опција, купувачите на Q7 можат да добијат 22-инчни тркала, додека за Q8 како опција се нудат 23-инчни тркала. Исто така, Q8 моделот може да се порача со сјајно црн финиш на решетката, а добива и карбонски елементи на браникот. Competition Pack пакетот со себе носи и црвени декоративни конци на седиштата и управувачот. Со оваа опрема, Q7 ќе чини 78.170 евра, додека кај Q8 цената е 84.500 евра.
A1, A4 и A5
На спротивниот крај на лепезата, Audi A1 Sportback 40 TFSI доби унапредување на моторот. Со ова, сега се одликува со моќност од 207 КС и 320 Nm максимален вртежен момент, што е за скромни 7 КС повеќе од претходно. Покрај унапредениот мотор, A1 Sportback 40 TFSI, како и 30 TFSI и 35 TFSI варијантите, можат да бидат опремени со новиот S Line Competition пакет. Овој пакет со себе носи мат црна решетка, затемнети беџови, како и Mythos Black акценти на покривот и праговите. Меѓу останатите карактеристики тука се и затемнетите светлосни групи и платинум сивите акценти.
На крајот, A4 и A5 ги добиваат S Line Competition и S Line Competition Plus варијантите. Така, А4 S Line Competition добива мат решетка, S4 спојлер како и препознатливите Audi прстени во црна боја, меѓу другото. Заедно со ова, пакетот додава и 19-инчни тркала за уште подинамичен изглед.
А4 S Line Competition Plus оди чекор подалеку со оглед на тоа дека има LED фарови, црни капаци од ретровизорите, светлечки плочки на праговите и систем за амбиентално осветлување. Моделите опремени со мотор кој испорачува барем 204 КС исто така добиваат и црвени сопирачки. Audi A5 Competition и Competition Plus варијантите се во најголем дел идентични, но се одликуваат со поголеми 20-инчни тркала.
Унапредените А1, А4 и А5 ќе бидат достапни за нарачка во Германија од 20 мај.