Audi развива електричен A9 модел за 2024 година
Лансиран пред нешто повеќе од еден месец, Audi Artemis проектот е задолжен за развој на нов електричен автомобил најдоцна до 2024 година
Од Audi го најавуваат новиот електричен автомобил кој ќе произлезе од Artemis проектот како „пионерски“, најверојатно A9 модел. Плановите на германската компанија се јасни, сакаат да создадат нова „перјаница“ во електрична форма. Можеби мнгоумина очекуваат да биде претставен нов кросовер или SUV исполнет со најнова технологија, способност за брзо полнење и великодушна автономија на движење. Но, тоа нема да биде случајот, бидејќи изгледа дека Artemis проектот ќе придонесе за создавање на нов седан, кој ќе биде предводник во сегментот.
Оваа информација ја пренесува Autocar, кој истакнува дека моделот интерно е познат под кодното име E6 и се уште е во рана фаза на развој. Без разлика, продукциската варијанта, која може да биде седан со четири врати или liftback со пет врати, би можел да го добие комерцијалното име A9 e-Tron, а и покрај тоа што е сличен според димензиите со актуелниот A7 Sportback, просторот за патниците ќе биде ист како во A8, благодарение на паметното „пакување“ на внатрешноста.
Исто како и конкуренцијата, така и A9 e-Tron според информациите ќе има бенефит од најновата технологија за електричен погон. Исто така, автомобилот ќе содржи и автономно возење и ќе има 5G конективност, заедно со AR систем (едноставна комбинација меѓу реалното и виртуелното), бежични унапредувања на системот и „Car-to-X“ комуникација.
Audi A9 e-Tron се очекува да биде продолжение на Aicon концептот, кој беше претставен на Салонот за автомобили во Франкфурт во 2017 година. Моделот беше поставен на огромни 26-инчни тркала, а се напојуваше од четири електромотори кои испорачуваа комбинирана моќност од 353 КС и 550 Nm вртежен момент.
Како и да е, се очекува Audi во следните две години да го претстави концептуалното издание на новата перјаница – A9 e-Tron, со тоа што сериското издание се очекува за 2024 година.