Audi со пустински тестови за RS Q e-Tron пред релито Дакар
Audi Sport започна со тестирањето на својот RS Q e-Tron рели автомобил кој ќе дебитира на најновото издание на Дакар релито
Со цел да го подготви за екстремните временски услови и издржливоста која е потребна за релито Дакар, Audi одлучи да направи серија тестови на својот RS Q e-Tron модел во Мароко. Тимот на германскиот производител се соочи со екстремни температури кои се повисоки од оние кои се очекуваат за релито Дакар кое ќе се одржи од 2 до 14 јануари следната година.
„Термометарот се искачи далеку над 40 степени во одредени моменти. Пустинските бури исто така правеа пречки за време на тестирањата. Покрај ова, како што може и да се очекува, некои нови проблеми се појавија за време на високите температури, кои постојано предизвикуваа прекини во тестирањето и требаше да бидат решени пред следните тестирања“, изјави Свен Квант, шефот на Q Motorsport.
Идејата зад овие тестови секако е да се доведе целосно електричниот SUV до своите крајни можности во Мароко.
„Погонот и останатите компоненти исто така беа доведени до крајни граници, па дури и над тоа пред се поради жештините. Информациите кои ги добивме во Мароко се мошне важни, но исто така ни покажуваат дека се уште имаме многу работа во пресрет на релито Дакар, а немаме многу време“, изјави Андреас Рус, шефот на фабричкото тркачко одделение на Audi Sport.
Како што се одвиваат овие тестови, Audi е во фаза на создавање на првото натпреварувачко возило. Audi RS Q e-Tron ќе се напојува со два електромотори кои Audi ги користи за своите Formula E болиди, а енергијата се извлекува од новоразвиената Audi Sport батерија која се напојува од TFSI мотор од DTM тркачот на Audi, кој служи како генератор.
Батеријата е развиена специјално за релито Дакар. „Се се врти околу оптималниот менаџмент на температурата и способноста да се извлече максимален перформанс од батеријата“, додадоа од Audi.