Audi со тизери го најави производството на e-Tron GT
Audi потврди дека моделот e-Tron GT наскоро ќе влезе во производство, односно кон крајот на годината, а потврди и e-Tron GT RS варијанта
Електричниот адут на германската марка ќе се произведува во погонот во Некарсулм, кој е дом на Audi Sport одделението. Од овој погон излегуваат и моделите како A8 и R8, а сега наскоро ќе им се приклучи и Audi e-Tron GT. Производството на електричниот автомобил ќе започне до крајот на оваа година, но првите примероци ќе бидат испорачани до сопствениците дури на есен идната година.
Во меѓувреме, Audi објави цел сет на тизер фотографии за e-Tron GT, како најава за почетокот на производството. Audi e-Tron GT беше „предвиден“ со концептниот автомобил од 2018 година, а очекувано, моделот кој се појави на тизер фотките доживеа неколку промени.
Од Audi остануваат таинствени кога станува збор за погонот на електричниот модел, иако се очекува да пристигне со два електромотори во својата првична конфигурација, а за напојувањето ќе биде задолжена батеријата со капацитет од 96 kWh. Исто така се очекува автомобилот да поддржи и брзо полнење до 350 kW, а автономијата на движење најверојатно ќе биде 400 километри со едно полнење според WLTP циклусот. Кога станува збор за перформансите, e-Tron GT веројатно ќе ги има истите спецификации како концептот, кој имаше моќност од 582 КС.
Од друга страна, извршниот директор Маркус Дусман потврди дека ќе пристигне и e-Tron GT RS варијанта, која ќе се најде на врвот на понудата и ќе биде лансирана заедно со регуларната верзија.
„Ги носиме работите еден чекор понапред. Имам задоволство да најавам дека исто така ќе пристигне и RS верзија на e-Tron GT, која ќе пристигне заедно со e-Tron GT“.