fbpx

Audi Urbansphere – урбано возило на иднината

Audi премиерно го прикажа третиот и последниот модел од „Sphere“ опсегот на концепти кој го носи името Urbansphere

Футуристичкиот електричен автомобил на Audi со силуета на миниван, наречен Urbansphere, го забележа своето деби. Дизајниран за користење во мега-градовите на иднината, ставајќи приоритет на патниците и нивното искуство во возењето, Urbansphere требаше да дебитира на Салонот во Пекинг, но со оглед на тоа дека настанот беше одложен поради новиот бран на коронавирусот, истиот беше претставен преку дигиталните канали.

По претставувањето на Skysphere и Grandsphere минатата година, Urbansphere е заеднички проект на дизајнерските студија на Audi во Пекинг и Инглоштад. Целта беше да се креира возило за кинеските мега-градови, а дизајнерите добиваа насоки од потенцијалните клиенти за време на развојот.

Прв електричен миниван на Audi

Иако во своето име го има називот „Urban“, ако се погледнат димензиите, концептот нуди нешто сосема спротивно од она што би се очекувало за урбано возило. Со своите 5,5 метри должина, 2 метри ширина и 1,78 метри висина, како и меѓуоскино растојание од 3,4 метри, Urbansphere е вистински џин. Овие пропорции прават концептот да изгледа како миниван со аеродинамична покривна линија, извајана каросерија, масивни 24-инчни тркала и големи дигитални простори на двата краја. Истите се дизајнирани за комуникација со околината преку пикселни LED светла кои креираат различни форми и бои.

Предниот дел привлекува особено внимание со новата интерпретација на дигиталната и целосно затворената Singleframe решетка која се протега кон страните, слично како кај Skysphere концептот.

Пространа кабина со премиум дизајн

Audi го опишува својот концепт како „уживање на тркала и мобилна канцеларија, служејќи како простор за живеење за во текот на времето поминато во сообраќај“, притоа нагласувајќи дека го има најголемиот простор во ентериерот во однос на сите свои модели, благодарение на својата форма и пакувањето на ЕВ платформата.

И покрај тоа што може да прими повеќе патници, Urbansphere има само четири независни седишта позиционирани во два реда кои можат да го понудат најдоброто можно искуство. Седиштата имаат Relax и Entertain режими со различни степени на навалување и поместување, екстензии за нозете и звучници на потпирачите за глава за приватни звучни зони.

Управувачот, дигиталниот инструмент кластер и педалите се сокриваат кога возилото е во автономен режим. Исто како и претходните „Sphere“ концепти, така и Urbansphere пристигнува со Ниво 4 способности на автономија кои ќе бидат претставени во продукциските возила во втората половина од деценијата.

Врвна технологија

Патниците имаат пристап до различни дигитални сервиси и инфозабавни карактеристики видливи преку проекцијата на контролната табла, екраните поставени на задниот дел од седиштата, очилата за виртуелна реалност, или транспарентниот OLED екран за задните патници. MMI бесконтактната респонзивност на вратите кои вклучуваат ротациски прстен и копчиња му овозможуваат на возачот да пристапи до голем број различни поставки, а исто така ќе може да се користат преку следење на видот, контрола со гестикулации и гласовна контрола кога седиштата се целосно навалени. Контролните панели за сите патници се интегрирани во потпирачите за раце, останувајќи скриени кога не се користат. Возилото исто така поддржува технологија за детектирање на стресот користејќи фацијални скенери и гласовни анализи и нуди предлози за релаксација.

За тапацирот, Audi искористи одржлива ткаенина бамбус, рециклиран полиамид наречен ECONYL и фурнир од габер без никакви хемии при производствениот процес. На крајот, концептот пристигнува со Audi Light Umbrella, светлечки чадор инспириран од кинеската традицина која може да го заштити корисникот од дождот и да користи како подвижен извор на светлина во темни простори.

Поставен на PPE платформата

Urbansphere е дизајнерска студија, но сепак е поставена на PPE платформата наменета за електрични возила развиена од страна на Audi и Porsche за продукциски модели. Концептот е опремен со два електромотори кои испорачуваат 401 КС и 690 Nm вртежен момент, иако само мал дел од овие бројки ќе бидат користени во градскиот сообраќај. Quattro системот за погон на сите четири тркала може да го деактивира задниот или предниот електромотор кога тоа е потребно за да се заштеди потрошувачката на енергија.

Audi Urbansphere

Батеријата која е поставена во подот има капацитет од 120 kWh, а Audi проценува дека опсегот на движење е околу 750 километри. 800 волтната технологија овозможува брзо-полначки карактеристики од 270 kW, овозможувајќи опсег на движење од 300 километри со само 10 минути полнење, додека полнењето од 5 до 80 проценти трае помалку од 25 минути. За оптимален комфорт, тука е адаптивниот воздушен систем на потпирање, заедно со управувањето на четири тркала.

Со Urbansphere концептот, Audi покажува дека размислува за нови сегменти на возила во електричната ера. Миниван моделите се исклучително популарни на кинескиот пазар, па оттаму не треба да се исклучи можноста за производство на возила со слични карактеристики. Sphere концептите се создадени како дизајнерски студии и нивната главна улога е да се прикаже дизајнерскиот јазик и технологијата кај идните модели на Audi.

Поврзани вести

Back to top button