Авто Плус ексклузивно на презентацијата на новата Astra Sports Tourer
Редакцијата на Авто Плус имаше ексклузивна можност да биде дел од официјалната промоција на Astra Sports Tourer
По претставувањето на стандардната верзија на Opel Astra, германската марка објави фотографии и детали од караванската изведба наречена Sports Tourer. Но, синоќа се одржа главната презентација на моделот, а Авто Плус доби ексклузивна можност да биде дел од онлајн настанот, на кој присуствуваше и главниот дизајнер на Opel, Марк Адамс, кој одговараше на прашањата на присутните.
Astra Sports Tourer ја продолжува успешната традиција на Opel кога станува збор за компактните каравани, која трае речиси 60 години и започна со Kadett Caravan, првиот таков автомобил во оваа класа на германскиот бренд.
Покрај електрифицираниот погон, новата Astra Sports Tourer ќе биде достапна со високо ефикасни бензински и дизел мотори. Моќноста варира од 110 до 130 КС кај бензинските и дизел варијантите, а до 225 КС кај plug-in хибридните варијанти. Шестстепениот менувач е стандарден кај конвенционалните модели, додека осумстепениот автоматски менувач е опционален кај помоќните мотори.
Компактност и ефикасност
Со димензии од 4.642 милиметри, ширина од 1.860 и должина од 1.480 милиметри, како и товарна висина од околу 600 милиметри, новата практична Astra Sports Tourer дополнително ја зајакнува водечката репутација на Opel во сегментот на каравани, а исто така го прикажува и типичниот талент за ефикасно пакување. Сепак, севкупната должина е 60 милиметри пократка во однос на претходниот модел, благодарение на особено краткото предно надвиснување, а покрај значително подолгото меѓуосовинско растојание од 2.732 (плус 70 мм од претходно), тоа е дури 57 милиметри подолго од Astra во хечбек изведба.
„Димензиите на Astra Sports Tourer овозможуваат поголема пространост во патничкиот простор, а притоа се задржуваат надворешните димензии. Пропорциите се променети, но не и тонажата. Сметавме на практична и динамична Astra Sports Tourer, способна за поголема ефикасност во секоја ситуација“, вели Адамс.
Врвна практичност
Багажникот нуди простор од повеќе од 608 литри корисен простор за складирање, а нуди повеќе од 1.634 литри кога задните седишта се склопени. Багажниот простор кај варијантите со конвенционален мотор е оптимизиран со опционалниот Intelli-Space. Овој движечки товарен под може лесно да се прилагоди со само една рака за повисоки или пониски позиции.
Дизајнот на Astra Sports Tourer е онаков каков што можеше да се очекува, но тоа е далеку од лоша работа. Новата Astra Sports Tourer го наследува остриот стајлинг на хечбекот, што значи пар LED фарови со остар дизајн со дневни светла споени со парче сјајно црн панел во кој се сместени голем број сензори. Препознатливиот Opel Vizor кој е новиот лик на брендот во себе претопувачки ги интегрира врвните технологии, а една од нив е и Lintelli-Lux LED Pixel фаровите и предната камера.
„Предната страна на Opel Vizor е импресивна. Главна карактеристика се извајаните, мускулести, но севкупно терзвени форми. Нема линии кои се преклопуваат. Дополнителен шмек дава и двобојниот покрив, што придонесува да се добие впечаток на поголема должина и поспортски изглед“, додава Адамс.
Удобност и безбедност
Кога станува збор за ентериерот, моделот пристигнува онака како што се очекува – со стил. Целосно дигиталниот Pure Panel HMI нуди чисто и интуитивно искуство. Функциите се извршуваат преку екстра-широкиот екран на допир. Стандарден дел од опремата е 10-инчниот дигитален инструмент кластер, а тука се и бежичните Apple CarPlay и Android Auto.
„Pure Panel го карактеризира новиот курс на брендот и е целосно интегриран со контролната табла. целта e да се направи дигиталното сценарио што е можно поедноставно, дури и во деталите. При дизајнирањето големо внимание обрнавме на ергономијата, поради што секоја команда на инфозабавниот екран во кабината е лесно достапна. Удобноста на возачот е зголемена благодарение на физичките контроли под екранот на допир. Ова го намалува допирањето на екранот додека возите, а тоа резултира со поголема безбедност“, изјави главниот дизајнер на Opel.
Инаку, да напоменеме дека редакцијата на Авто Плус ќе биде присутна и на светската премиера на новата генерација на Opel Astra пред пошироката јавност, која ќе се одржи на 18 февруари во Лисабон, каде ќе можеме и одблиску да се запознаеме со бестселерот на германската марка.