Авто Плус на Салонот за автомобили во Чикаго 2022
Првиот пост-ковид автомобилски настан кој не се откажа, а на кој присуствува редакцијата на Авто Плус
Авто Плус оваа година присуствуваше на Салонот за автомобили во Чикаго – првиот пост-ковид автомобилски саем кој го посети нашата редакција. Авто Плус беше единствениот медиум од Македонија, а веројатно и од регионот кој имаше шанса да присуствува на најстариот Салон на северно-американско тло.
Настанот традиционално се одржува во McCormick Place конвенцискиот центар во срцето на Чикаго, а интересот за истиот беше на завидно ниво, со оглед на ситуацијата која владее во светот. Сепак, државата Илиноис полека ги олабавува мерките, а тоа беше знак и дека настанот ќе биде одлично посетен, што е уште еден знак дека луѓето се желни за ваков вид настани кои останаа само убав спомен во последните две, две и пол години. Инаку, мерките во САД се менуваат од ден на ден, па иако претходно на некои места беа потребни и сертификати за вакцинација, на самиот настан беше потребно само да се носат маски, а ниту тоа не се почитуваше во најголема мерка од посетителите.
Шоу и спектакл
И покрај тоа што годинешното издание на Салонот за автомобили во Чикаго не донесе голем број на новитети и светски премиери како што сме навикнати и на кои сме сведочеле во Франкфурт или Женева, сепак настанот имаше навистина голема посетеност. Причина за тоа секако се и спектакуларните претставувања на моделите кои веќе ја доживеале својата премиера, или пак можноста одблиску да се запознаете и да се дружите со некои од најексклузивните автомобили. Чикаго за нас беше можност и да видиме модели кои во Европа се вистинска реткост или пак воопшто и ги нема. Традиционалните големи американски играчи како General Motors и Ford со своите брендови како Buick, Lincoln, Cadillac, GMC, Chevrolet, но и Јапонците кои се веќе одомаќинети преку Атлантикот, па така и Nissan и Subaru ги покажаа своите адути наменети за северноамериканскиот континент, а фалеше Honda која често се гледа со Accord и CRV.
Особено интересни беа полигоните кои излагачите ги имаа направено за посетителите да можат да ги истестираат новите модели во специјални околности. Тука беа земјените патеки или пак вештачките карпи кои моќните и чистокрвни SUV теренци ги совладуваа како од шега. Онака како што само Американците можат, Салонот во Чикаго беше вистински автомобилски спектакл и забава, а зафаќаше скоро половина од просторот.
Секако, посетата на Салонот во Чикаго би била залудна ако не спомнеме барем дел од моделите кои успеавме да ги видиме.
„Јапонски“ Американци
Subaru
Особено внимание предизвика презентацијата на новиот Subaru Solterra, каде претставниците на јапонскиот бренд навистина се потрудија да приредат фантастично шоу. Развиен заеднички со Toyota, Solterra е поставен на e-TNGA платформата за електрични возила и се нуди во две варијанти. Зависно од тоа колку електромотори ќе изберете, моќноста варира од 204 до 218 КС, а доаѓаат со опсег на движење од 460 до 530 километри.
Subaru исто така ги претстави и спортскиот BRZ, заедно со WRX и специјалниот Gymkhana Hoonigan автомобил на Травис Пастрана.
Nissan
На штандот на Nissan имавме можност за првпат во живо да се запознаеме и со новиот електричен кросовер Ariya. Овој модел пристигнува со голем број на конфигурации, вклучително верзија со погон на две тркала, или пак систем со двоен електромотор кој овозможува движење на сите четири тркала. Зависно од желбите, Ariya доаѓа со 65 или 90 kWh батерии, а моќноста, зависно од конфигурацијата, варира од 239, па се до 398 КС.
На штандот на Nissan ги видовме и трите авантуристички концепти кои се базирани на пикап камионетот Frontier со повеќе верзии за персонализација т.н. Project Adventure каде на купувачите им се дава можност за бројни изведби врз иста основа. Тука беше и кросоверот Kicks, еден од најдостапните кросовери на американскиот пазар, моделот доби фејслифт минатата година, а сега беше прикажан и пред посетителите на Салонот во Чикаго.
Lincoln
Симбол за американски луксуз – масивен SUV
Секако, сите добро знаеме дека Американците се луди по, како што тие самите велат, „full-size“ SUV модели. Станува збор за модели кои во Европа ретко ќе ги забележите, но на пространите булевари кои се како автопати во САД, таму често можете да ги видите овие масивни „автобуси“. Еден од оние кои ни привлекоа поголемо внимание секако е луксузниот Lincoln Navigator. Освежен за 2022 година, овој горостас плени со спектакуларниот екстериер и ултра луксузниот ентериер во кој на сите страни има огромни екрани, а има и завидна постава под хаубата каде се наоѓа битурбо 3,5-литарски V6 со 446 КС. Веднаш до него беше и SUV моделот со „средна“ големина – Aviator.
KIA
Kia е еден од најзастапените азијатски брендови, спонзор на речиси сите настани во Америка. На штандот на Kia гордо стоеше моделот Telluride кој гордо се бутка со чистокрвните американски СУВ модели и често се гледаше по улиците. Со променет изглед за 2022 година, заедно со новото лого на корејскиот бренд, ова е еден од најпопуларните модели преку Атлантикот. Инаку, сегашноста на Kia e Telluride, но иднината дефинитивно е електрична, па затоа компанијата го покажа и електричниот SUV концепт EV9. Станува збор за најава за новиот електричен продукциски модел кој ќе биде поставен на E-GMP платформата и кој беше претставен минатата година во Лос Анџелес.
Налетавме и на еден модел кој ќе биде честа глетка на европските патишта, а се надеваме дека за скоро време и кај нас. Станува збор за електричниот Kia EV6. Овој модел е предвесникот на новата филозофија и бренд идентитет на Kia, благодарение на новиот Opposites United дизајнерски јазик на компанијата и беше достапен за тест возење на саемот.
Секако, до него беше и неговиот „брат“, Hyundai Ioniq 5.
Ford, Chevrolet, Jeep, GMC …
Големите пикап камионети и SUV модели беа видливи на секој штанд, па исклучок не беа ниту Ford, ниту Chevrolet, каде можевме да ги видиме F-150, Bronco, Expedition, новиот Silverado, Suburban…
На штандот на Jeep се сретнавме со новите Wagoneer и Grand Cherokee. Луксузниот Wagoneer се одликува со врвна изработка, особено во ентериерот. Големиот SUV под хаубата има масивен 5,7-литарски V8 агрегат и благ хибриден систем кој испорачува 397 КС и 548 Nm. Од друга страна, Grand Cherokee е достапен со 3,6-литарскиот V6 Pentastar со 293 или славниот 5,7-литарски V8 Hemi со 357 КС.
Не смееме а да не го споменеме електричниот Hummer. Речиси една деценија откако последниот модел се симна од производствената линија, пред година и половина ја доби својата „електрична реинкарнација“. Hummer, кој во еден период од својот животен век претставуваше и статусен симбол, сега се враќа, но не како самостојна марка, туку како модел на дивизијата GMC.
Во секој случај, кога ќе се сумираат впечатоците, можеме да заклучиме дека Салонот во Чикаго оваа година иако не изобилуваше со новитети, сепак ги оправда очекувањата на посетителите, а за тоа говорат и бројките кои се навистина високи. Од наша гледна точка, ние сме среќни што по подолго време и сите оние локдауни, карантини, ограничувања, одложувања и откажувања, конечно имавме шанса да бидеме дел од еден голем автомобилски настан, и тоа ни помалку-ни повеќе, туку најстариот во Северна Америка кој по 114 пат успеа да ги отвори вратите за своите посетители.