Ажурираниот Peugeot E-Rifter доаѓа со свеж дизајн и низа подобрувања
Освежениот E-Rifter сега нуди и опсег на движење од 320 километри благодарение на подобрувањата во ефикасноста
Во пресрет на откривањето на својата ажурирана линија на лесни комерцијални возила, Peugeot го претстави редизајнираниот E-Rifter кој го најавува новиот стилски изглед на француската марка. Најновата верзија на миниванот има одважен дизајн, подобрени технолошки карактеристики и зголемување на опсегот на возење, додека го задржува познатиот електричен погон од неговиот претходник.
E-Rifter служи како патничка варијанта на комерцијалниот E-Partner, а двата ажурирани модели сега прифатија поизразен пристап кон нивниот надворешен стил. Значајна карактеристика на E-Rifter се неговите обновени фарови, со тројни LED „канџи“ поставени на црна позадина, надополнети со свежата текстура на целосно затворената решетка и современите влезови на редизајнираниот преден браник.
Како и со претходниот модел, Peugeot E-Rifter ги интегрира стилските знаци на кросовер со пластичните заштитни обвивки, заштитните плочи за подвозјето во алуминиумски стил, шините на покривот и дарежливиот клиренс од подлогата со кои се истакнува неговиот авантуристички карактер. Фејслифтот донесе и две нови опции за боја – Sirkka Green и Kiama Blue.
Врвна практичност
Како и со сите други слични модели од групацијата Stellantis, францускиот миниван е достапен во две должини, при што Standard верзијата е со должина од 4,4 метри, а Long се протега до 4,7. И двата модели на каросеријата може да се нарачаат со конфигурации со 5 седишта и со 7 седишта, а подолгата верзија нуди повеќе простор за патници и товар како што се очекуваше. Сите верзии на E-Rifter имаат две лизгачки врати и голема задна врата со отворен прозорец за полесен пристап до товарниот простор.
Багажникот има капацитет од 775 литри во стандардната верзија со распоред со 5 седишта и може да порасне до огромни 4.000 литри во верзијата Long кога сите седишта се преклопени. Дополнително, бројните прегради за складирање нудат до 186 литри во зависност од верзијата.
Peugeot не ја покажа внатрешноста, но спомна целосно нова контролна табла i-Cockpit со поголем 10-инчен инфозабавен екран вклучен во стандардната опрема и достапна 10-инчен дигитален инструмент кластер. Има и редизајниран волан обложен со кожа и греење кој ја задржува компактната големина на својот претходник, подлога за безжично полнење, 3 USB-слота и нов светло сив тапацир од ткаенина за седиштата.
Безбедносната опрема е надградена со 18 системи вклучувајќи адаптивен темпомат, додека помошта при паркирање е подобрена со 12 сензори и камера за рикверц со висока дефиниција.
Поголем опсег на движење
Peugeot E-Rifter не го доби новиот и помоќен електричен погон што го добија повеќето ЕВ возила од Stellantis, но тоа не значи дека освежениот електричнен миниван не доаѓа со погонски подобрувања. Единствената опција кај E-Rifter, кој е базиран на EMP2, е добро познатата единица од 136 КС што ги придвижува предните тркала и добива енергија од истиот пакет батерии од 50 kWh.
Перформансите остануваат непроменети со зазбрзување од место до „стотка“ за 11,2 секунди и максимална брзина од 135 километри на час. Сепак, подобрувањата во ефикасноста, вклучувајќи нов регенеративен систем за сопирање и додавање топлинска пумпа, резултираа со зголемен опсег на возење од 320 километри, во споредба со 280 км колку што имаше неговиот претходник. Целосното полнење трае 5 часа во ѕидна кутија од 11 kW, додека батеријата е компатибилна со брзо полнење од 100 kW DC.
Во соопштението за печатот не се спомнуваат никакви хибридни или чисто конвенционални верзии со внатрешно согорување на миниванот, што ја поддржува иднината на Peugeot фокусирана на ЕВ. За потсетување, моделот во заминување првично беше достапен со 1,2-литарски PureTech бензинец и 1,5-литарски BlueHDi дизел, но тие опции беа укинати во 2022 година кога комбињата на Stellantis станаа исклучиво електрични во Европа и Велика Британија.
Peugeot не ги објави цените за фејслифтираниот E-Rifter кој се очекува да биде најприфатливата понуда со 7 седишта во гамата на автомобилскиот производител.