fbpx

BMW делумно го претстави електричниот BMW i4

Лансиран три месеци пред оригиналните планови, продукцискиот i4 официјално е претставен од страна на BMW за време на годишниот медиумски настан

Електричниот кросовер BMW iX наскоро ќе влезе во фаза на масовно производство, а наскоро истото ќе се случи и со новиот електричен автомобил на баварската компанија. Станува збор за моделот i4, кој како концепт беше претставен пред една година, а на денешниот настан посветен на медиумите, BMW ја искористи шансата делумно да го претстави во продукциска форма, објавувајќи ги и првите официјални фотографии од сериската верзија.

BMW вети дека нивното целосно електрично купе со четири врати ќе биде 85 проценти слично со минатогодишниот концепт, а баварската компанија се чини дека го исполни ова ветување. Новиот BMW i4 го добива истиот третман на предниот дел како и iX и се одликува со големите „бубрези“ кои служат како заштита за големиот број сензори на возилото. За разлика од iX, овој детал ќе биде единствениот кој ќе привлече поголемо внимание, бидејќи BMW на остатокот од дизајнот не правеше никакви експерименти, одлучувајќи се за карактеристичните пропорции на купе со четири врати. Тука се сините акценти и аеродинамичните тркала кои истакнуваат дека станува збор за електричен модел, заедно со редизајнираните рачки на вратите кои треба да гарантираат подобар проток на воздухот.

Дополнителни детали во следниот период

Новиот електричен автомобил на BMW ќе биде лансиран нешто подоцна оваа година со различен опсег на моќност и големина на батерии, а ќе нуди возачка автономија до 590 километри според WLTP, односно до 482 километри според EPA циклусот. Најмоќната варијанта на новиот BMW i4 ќе испорачува 530 КС и до „стотка“ ќе стигнува за околу 4 секунди. Од BMW не ги открија техничките детали, ниту пак фотографии од ентериерот. Германската марка додаде и дека BMW i4 ќе добие и неколку различни изданија.

BMW i4

Сепак, со оглед на тоа дека новиот i4 изгледа слично како конвенционалната Серија 4, се очекува дизајнот во внатрешноста да биде сличен. Една клучна карактеристика, секако, ќе биде новиот iDrive инфозабавен систем кој се одликува со редизајниран интерфејс, бежични унапредувања, поголема безбедност и 14,9-инчен екран на допир, заедно со 12,3-инчната дигитална инструмент табла.

Комплетните детали, заедно со фотографиите од изгледот на ентериерот на новиот BMW i4 се очекува да бидат објавени во следниот период.

Поврзани вести

Back to top button