fbpx

Лос Анџелес 2019: BMW го електрифицира кросоверот X3

Баварскиот производител во Лос Анџелес се претстави со неколку електрифицирани модели, како X3 xDrive30e и редизајнираниот BMW 330e

Plug-in хибридниот кросовер BMW X3 xDrive30e ќе излезе во продажба следниот месец во Европа, а американските клиенти ќе ги достигне во првиот квартал од следната година. Цените сеуште не се објавени.

Електрифицираниот X3 комбинира 2,0 литарски четирицилиндарски мотор со електрична единица и батериски пакет, со цел да испорача електричен опсег од скоро 32 километри. Кросоверот со погон на сите тркала располага со моќност од 292 коњски сили, а до 100 km/h забрзува за 6,1 секунда, пред да достигне максимална брзина од 209 km/h.

Производството на X3 xDrive30e ќе започне во декември во фабриката на BMW во Спартанбург, Јужна Каролина во САД, заедно со конвенционално погонските варијанти на X3. Ова е првиот модел кој компанијата го нуди во верзии со конвенционален, plug-in хибриден и целосно електричен погон, кој всушност ќе биде додаден во 2020 година.

BMW

Редизајнираниот plug-in хибриден BMW 330e добива подобрување во поглед на перформансите и возниот опсег и сега комбинира 2,0 литарски четирицилиндарски турбо-бензински мотор со електрична единица кои обезбедуваат моќност од 292 коњски сили. Вака конфигураниот погон овозможува забрзување до 100 km/h за 5,9 секунди и максимална брзина од 230 km/h.

Новиот модел добива и поголема батерија од 12 kWh, што го зголемува електричниот опсег на 330e за повеќе од 50 проценти во однос на неговиот претходник, односно на 66 километри. Моделот веќе е во продажба во Европа.

BMW на својот штанд во Лос Анџелес исто така ги покажа и M8 Gran Coupe, M2 CS и Серија 2 Gran Coupe.

Поврзани вести

Back to top button