fbpx

BMW го претстави електричниот iX

BMW добива нов знаменосец во технолошка смисла, откако на местото на Серија 7 сега пристигнува новиот чисто електричен SUV iX

Баварската компанија го претстави новиот електричен SUV кој станува новиот адут на производителот. BMW iX е најавата за новата ера на брендот. Новитетот се уште е во фаза на развој, но со оглед на тоа дека истиот е во завршна фаза, се очекува моделот да се најде во продажба до крајот на 2021 година. Електричниот SUV на BMW досега беше познат како iNext, но продукцискиот модел ќе ја носи ознаката iX.

BMW iX е базиран на новата платформа која баварската компанија специјално ја разви за електрични возила. Има голем број бенефиции во однос на својот претходник, но во BMW најмногу се гордеат со напредокот кој го направи во автоматизираното возење и технологиите за дигитални сервиси. Исто така, автомобилот ќе пристигне со најновите иновации на полето на електрификацијата, конективноста и ќе биде полуавтономно возило, благодарение на што ќе стане новиот технолошки знаменосец на компанијата.

BMW iX

Со оглед на сето тоа, од BMW истакнуваат дека дизајнот на iX бил развиван од внатре кон надвор, а главната цел била „да се придонесе за квалитетен живот и благосостојбата на возачите и патниците“.

Дизајн

Но, ова не значи дека дизајнот на екстериерот е запоставен. На надворешноста, BMW iX ги реосмислува моќните пропорции на BMW SAV (Sport Activity Vehicle). Електричниот SUV е лесно споредлив со BMW X5 во должина и ширина, но ја има речиси истата висина како X6. Големите тркала потсетуваат, пак, на BMW X7.

BMW iX

Меѓу главните карактеристики е масивната затворена решетка со „бубрези“ каде што е поставена технологија со камери, радарски функции и други сензир, „претопувачки“ рачки од вратите, прозорци без рамки и тенки хоризонтални LED светла. Друг интересен детал е задната врата која се протега низ целиот заден дел, со што се добива еден импозантен дизајн на телото.

Во внатрешноста од BMW велат дека се добива еден „лаунџ“ амбиент благодарение на ново развиените седишта со интегрални потпирачи за глава, „исклучително големиот“ панорамски стаклен покрив, високо квалитетни материјали и високо ниво на пространост.

Дизајнерите зедоа минималистички пристап со контролната табла, на која доминира закривениот голем екран кој ги спокјува инструменталниот панел и инфозабавниот екран во единечен елемент. Шестоаголниот управувач исто така привлекува големо внимание. Централната конзола е направена да изгледа како парче мебел и се карактеризира со кружен селектор за брзини, бирач за BMW оперативниот систем од новата генерација и селектор за звук кои се направени од кристал.

BMW iX

Погон

Кога станува збор за погонот, BMW iX се одликува со петтата генерација на eDrive технологијата која се состои од два електромотори, електроника за напојување, полначка технологија и високо волтаична батерија. Поставката испорачува 503 КС, благодарение на што од нула до „стотка“ се стигнува за помалку од пет секунди.

BMW iX

Електромоторите се напојуваат од батерија со капацитет поголем од 100 kWh, која пак овозможува автономија на движење од преку 600 километри според WLTP циклусот. BMW има за цел да достигне „исклучително ниска“ комбинирана потрошувачка на електрична енергија со помалку од 21 kWh на 100 километри според WLTP циклусот.

Кога станува збор за полнењето, новата технологија на iX овозможува DC брзо полнење до 200 kW, што значи дека батеријата може да се наполни од 10 до 80 проценти од целосниот капацитет за помалку од 40 минути. Поточно, 10 минути полнење овозможуваат доволно енергија за автономија од над 120 километри. При користење на Wallbox од 11 kW, потребни се помалку од 11 часа за целосно полнење на батеријата.

Од технолошка гледна точка, новите карактеристики кои дебитираат во BMW iX овозможуваат огромен напредок во полето на автоматизираното возење и дигиталните сервиси. Софистицираниот софтвер со мошне способниот хардвер, со очекуваната 5G компатибилност, му овозможија на производителот да ги интегрира најсовремените достапни системи за автономно возење.

BMW iX

BMW ќе започне со производството на iX во фабриката во Динголфинг, Германија во втората половина од 2021 година.

Поврзани вести

Back to top button