BMW го претстави редизајнираниот X1
2020 BMW X1 дебитираше со променет изглед и plug-in хибриден погон
Баварскиот производител ја претстави редизајнираната изведба на популарниот X1, кој сега доаѓа во ново и помодерно пакување, а како новитет е претставен и plug-in хибридниот погон .
Препознатливиот изглед е секако задржан, така што ажурираниот модел добил нов преден браник, каде познатите „бубрези“ сега доаѓаат во уште поголемо издание. Промените се забележуваат и кај светлосните уреди, па така имплементирани се нови предни фарови, пропратени со светлата за магла, чии дизајн е исто така освежен.
Стилските промени кај новиот X1 продолжуваат и во задниот дел со усвојување на нови задни фарови, преработен заден браник, поголеми издувни цевки и дополнителни акценти во боја по каросеријата. Овие промени можат да се заокружат со новите алуминиумски тркала, кои доаѓаат во четири нови дизајни, како и ревидираната палета на бои, каде сега присутни се Jucaro Beige, Misano Blue и BMW Individual Storm Bay.
Промените по внатрешноста се прилично скромни, со нов опционален инфозабавен систем во варијанта од 8,8 или 10,25 инчи и новиот селектор на пренос. Тука е и ревидиран тапацир, како и новото контрасто шиење застапено кај инструмент таблата и патосниците.
Асортиманот предвиден за европскиот пазар, ќе се состои од три и четири цилиндарски мотори и секако новата plug-in хибридна верзија, наречена X1 xDrive25e. Хибридиот кросовер, ќе биде опремен со TwinPower Turbo мотор, задолжен да ги погонува предните тркала со моќност од 123 коњски сили и 220 Nm вртежен момент. Задните тркала ќе бидат придвижувани од електричен мотор, кој кон вкупната моќност ќе придонесува со 94 коњски сили и 165 Nm, а напојуван ќе биде од 9,7 kWh литиум-јонска батерија. Со ова, новиот X1 добива електричен возен опсег од 50 километри.
Покрај хибридната варијанта, X1 ќе биде достапен во бензинска и дизел изведба, па така sDrive16d е опремена со 1,5 литарскиот три-цилиндарски турбо мотор, кој произведува 114 коњски сили и 270 Nm, xDrive25d доаѓа со 2,0 литарската четири-цилиндарска дизел единица со 228 коњски сили и 450 Nm, и за крај xDrive25i 228 коњски сили и вртежен момент од 350 Nm.