BMW го унапреди култниот мотор – повеќе моќ, помала потрошувачка
BMW ја претстави новата генерација на својот препознатлив 3,0-литарски шестцилиндричен мотор со 387 КС и 540 Nm

BMW повторно докажа дека знае како да ја усоврши формулата на шестцилиндричниот мотор. И покрај сè построгите еколошки регулативи во Европа, германскиот производител успеа да извлече повеќе моќност и подобра ефикасност од својот 3.0-литарски реден шестцилиндричен агрегат. Иако иднината на мобилноста е електрична, во Минхен покажуваат дека класичниот бензинец сè уште има што да понуди.
Повеќе моќ, помалку емисии
Новиот, унапреден 3.0-литарски мотор ќе се појави најпрво во моделите BMW M340i xDrive Sedan и M340i xDrive Touring во Европа оваа есен. Во комбинација со 48-волтен благ хибриден систем, агрегатот испорачува 387 КС и 540 Nm вртежен момент, што е зголемување од 18 КС и 40 Nm во однос на претходната верзија.
Истата погонска единица ќе биде достапна и кај M440i xDrive Coupe, M440i xDrive Convertible и M440i xDrive Gran Coupe, додека M240i xDrive Coupe сега стандардно го добива новиот, помоќен шестцилиндричен мотор.
Благодарение на дополнителната сила, сите модели забрзуваат од 0 до 100 km/h за 0,1 секунда побрзо отколку претходно. Но, уште поважно – потрошувачката и емисиите се значително подобрени.
Кај M240i xDrive Coupe, комбинираната потрошувачка според WLTP циклусот е намалена на 8,0 l/100 km, во споредба со претходните 8,7 до 8,8 л/100 км. Истовремено, емисиите на CO₂ се намалени од 199–200 г/км на 183 г/км.
Ефикасност во секоја класа
Моделите од 3 и 4 Серија со истиот мотор постигнуваат уште подобри вредности:
-
M340i xDrive Sedan – 7,5 л/100 км
-
M340i xDrive Touring – 7,9 л/100 км
-
M440i xDrive Coupe/Convertible/Gran Coupe – 7,7-7,8 л/100 км
Овие бројки значат дека BMW успеал да комбинира спортски перформанси со намалена потрошувачка и пониски емисии, формула која досега ретко кој производител ја совладал.
Интересно е што северноамериканската верзија на M340i веќе располага со овие бројки уште од минатата година.
Нови детали и визуелни освежувања
Покрај моторот, BMW најави и неколку визуелни и технолошки новитети за 2025 година. 4-Series Gran Coupe и електричниот i4 ќе добијат стандарден ласерски заден светлосен систем, како и опционални адаптивни LED предни светла.
Во понудата на бои се додава и Cape York Green, достапна за 2-Series Gran Coupe со M Sport дизајн пакет.
Со овој потег, BMW уште еднаш покажува дека технологијата на внатрешно согорување може да коегзистира со електрификацијата, барем уште некое време, и дека „радоста на возењето“ не мора да се жртвува во име на ефикасноста.