fbpx

BMW ја претстави новата Серија 2 Active Tourer

Германскиот производител BMW официјално ја претстави новата Серија 2 Active Tourer која дебитира со поинаков изглед од претходно

Освежената BMW Серија 2 Active Tourer добива нов, одважен дизајн кој дефинитивно ќе предизвика доза на контроверзи и ќе биде лансирана во февруари следната година. Моделот особено се истакнува со повисоката хауба и масивната предна решетка, која е „опколена“ со елегантни LED фарови и вертикални воздушни отвори.

Движејќи се кон задниот дел, Серија 2 Active Tourer добива понавалено предно стакло и рационализиран изглед на каросеријата. Дизајнерите одлучија да ги променат и рачките на вратите во однос на претходниот модел, заедно со потенки задни столбови.

BMW Серија 2 Active Tourer

Задниот крај еволуира во однос на претходно, а се одликува со потенки LED заддни светла и задна врата со поистакната форма. Моделот пристигнува стандардно со 16 или 17-инчни тркала, но купувачите можат да нарачаат и тркала со големина до 19-инчи. Кога станува збор за опциите, во понудата ќе се најдат и Luxury Line и М Sport варијанти, со тоа што последната ќе биде лесно препознатлива благодарение на поагресивниот изглед.

Неколку новини во ентериерот

Ентериерот, од друга страна, ќе нуди помала разлика без оглед на нивоата, бидејќи се карактеризира со материјали со висок квалитет и помодерен дизајн. Главната ѕвезда е новиот заоблен BMW екран кој е ист како оној кај електричниот iX.

Од друга страна, тука е и лебдечкиот потпирач за рака со интегриран контролен панел кој добива минималистички „шифтер“. Моделот исто така добива спортски управувач обложен со кожа, двозонски клима уред, четири USB-C портови и редизајнирани седишта кои можат да бидат нарачани со Sensatec или Vernasca кожен тапацир.

Секако, кај Серија 2 Grand Tourer најважниот дел е пространоста, а задните седишта можат да се поместуваат до 130 милиметри. Уште поважно, капацитетот на багажникот се зголемува за 90 литри, со оглед на тоа дека капацитетот е до 470 литри зад задните седишта. Доколку ова не е доволно, седиштата се поклопуваат за да се зголеми просторот на 1.455 литри.

Четири агрегати во поставата, а пристигнуваат и plug-in хибриди

Асортиман на различни мотори ќе бидат достапни, вклучително 218i со турбо 1,5-литарски трицилиндричен мотор кој испорачува 136 КС и 230 Nm. Истиот е во комбинација со седумстепен Steptronic менувач со двојна спојка, кој му овозможува на моделот да забрза од нула до „стотка“ за девет секунди пред да достигне максимална брзина од 214 километри на час.

220i е сличен, но има зголемена моќност од 156 КС и 240 Nm. Спринтот до 100 км/ч тука се достигнува за 8,1 секунда, додека максималната брзина е 221 км/ч. Купувачите исто така можат да го изберат и 223i, кој има турбо 2,0-литарски четирицилиндричен мотор со 204 КС и 320 Nm. Од место до „стотка“ стигнува за седум секунди, а максималната брзина е 241 километри на час.

На крајот, во понудата е и 218d со 2,0-литарскиот турбо дизел четирицилиндричен мотор со 150 КС и 360 Nm максимален вртежен момент. Со овој агрегат моделот од нула до „стотка“ стигнува за 8,8 секунди, а максималната брзина е 220 километри на час.

Сите мотори доаѓаат во комбинација со седумстепен менувач со двојна спојка, но 220i и 223i се посебна приказна бидејќи имаат електромотор вграден во нивниот менувач, а тоа носи засилување на моќностса за 19 КС.

Погонската постава ќе биде проширена следното лето кога BMW ќе лансира и две plug-in хибридни варијанти. Двете ќе имаат 1,5-литарски трицилиндрични мотори кои ги придвижуваат предните тркала и електромотор кој ги придвижува задните. Ова ќе им даде коминирана моќност од 245 и 236 КС. Уште поважно, моделите се опремени со поголеми 14,9 kWh батерии кои ќе овозможат опсег на движење исклучиво на електрична енергија од 80 километри според WLTP циклусот.

Поврзани вести

Back to top button