BMW M слави 50 години со специјален амблем
BMW M ќе ја одбележи својата 50-годишнина на 24 мај следната година, а во чест на овој јубилеј, германската компанија најави специјален амблем
Motorsport дивизијата на BMW ќе прослави половина век постоење и успеси на тркачките и перформансни автомобили. За да ја одбележи оваа прилика, почнувајќи од јануари следната година, купувачите на M моделите или возила со M Sport пакетот, ќе добијат опција да го добијат специјалниот ретро амблем кој ги вклучува оригиналната сина, црвена и темно сина боја.
Специјалниот амблем е инспириран од класичното лого на BMW Motorsport и се одликува со помала верзија на BMW логото со сини, темно сини и црвени полукругови на бела позадина кои се историски поврзани со M брендот од неговото формирање во 1972 година. Амблемот може да се постави на хаубата, багажникот и капачињата на тркалата.
Тркачките автомобили на BMW Motorsport користеле слични беџови од 1973 година, додека BMW M1 го претстави препознатливото M лого со три ленти во 1978 година. Секоја боја има свое значење, па така сината го претставува BMW, црвената е за тркањето и виолетовата, која подоцна беше заменета со темно сината, ја симболизира конекцијата меѓу двете. Како потсетување, BMW Motorsport го промени своето име во BMW M во 1993 година.
Ексклузивни бои кои одбележуваат различни периоди
Покрај специјалниот амблем, компанијата исто така најави и 50 BMW M бои кои се „легендарни и историски значајни“. Овие опции за финишот ќе бидат достапни за одредени модели во 2022 година и ќе вклучуваат бои како Dakar Yellow, Fire Orange, Daytona Violet, Macao Blue, Imola Red и Frozen Marina Bay Blue, потсетувајќи на различни ери од историјата на BMW M.
Во текот на 2022 година BMW ќе лансира нови M модели. M3 Touring ќе понуди караван од перформансното возило за првпат по неколку години. М4 ќе добие уште посилни перформанси, а новиот M2 ќе им понуди на купувачите нешто помало спортско купе во однос на M4. Првиот електрифициран M производ исто така треба да пристигне. Наречен XМ, моделот во свое концептно издание треба да дебитира кон крајот на овој месец.