BMW M2 CS официјално со 444 КС и шест-степен менувач
Најавен за деби на автосалонот во Лос Анџелес подоцна овој месец, BMW го претстави новиот M2 CS
Модел за 2020 година, BMW M2 CS доаѓа со 3,0 литарски шест-цилиндарски TwinPower Turbo мотор, кој обезбедува моќност од 444 коњски сили и 550 Nm вртежен момент. Поврзан со шест-степен рачен или седум-степен автоматски менувач со двојна спојка, M2 CS до 100 km/h забрзува за нешто повеќе од 4 секунди, притоа достигнувајќи максимална брзина од 280 km/h.
Како помоќна верзија од M2 Competition, M2 CS има активен М диференцијал и адаптивна М суспензија, која е нова во М2 линијата и доаѓа со режими како Comfort, Sport и Sport+. Системот за сопирање е исто така ревидиран, со употреба на делови кои се одликуваат со високи перформанси, а за оние кои сакаат да поминат повеќе време на патеката, можат да се одлучат и за опционалните керамички M Carbon сопирачки.
Гледано каросериски, моделот е опремен со голем број пластични компоненти засилени со карбонски влакна. Клучни меѓу нив се хаубата и покривот, кои ја намалуваат тежината и помагаат да се спушти центарот на тежиштето на автомобилот. Други карбонски компоненти вклучуваат преден сплитер, заден спојлер, заден дифузер и капаци на ретровизорите.
M2 CS ќе биде достапен во четири различни бои, и тоа Alpine White, Misano Blue Metallic, Black Sapphire Metallic и Hockenheim Silver Metallic. Достапни се 19-инчни алуминиумски фелни, кои може да бидат во мат златна или високо-сјајна црна изведба. Друг детал што вреди да се спомене е уникатниот издувен систем на автомобилот со електронски контролирани вентили и врежани „М“ логоа.
Во кабината, возачите ќе најдат M Competition седишта, покриени во кожа и тапацир на Алкантара со црвен контрастен шив. Алкантарата го опфаќа и управувачот, централната конзола и табла. Централната конзола пак е изработена од пластика засилена со јаглеродни влакна, што помага во дополнително намалување на тежината за над 2,7 килограми.
BMW M2 CS ќе влезе во производство во март идната година, а автомобилот ќе биде достапен само една година. Цените за германскиот пазар започнуваат од 95.000 евра.