BMW подготви фејслифт за Серија 4 и i4
BMW i4 и Серија 4 Gran Coupe добиваат суптилен фејслифт, а 430i и M440i добиваат ажурирани погонски единици со хибридна технологија
BMW подготви освежување за i4 и Gran Coupe од Серија 4 за моделската 2025 година. i4 и Серија 4 Gran Coupe ќе добијат поостри фарови, суптилно изменета решетка и задни светла „Laserlight“. Има и нови дизајни на тркала и освежена палета на бои.
Во однос на механичките надградби, i4 останува ист, но 430i и M440i добиваат ажурирани погонски единици со хибридна технологија од 48 волти.
Веќе видовме многу од промените на моделите Coupe од серијата 4 и M4, и исто како и тие, освежувањето е суптилно. Истото важи и за внатрешноста. Достапни се уште неколку материјали од кои може да се избере, додека семејството од Серија 4 е исто така ажурирано со оперативниот систем BMW OS 8.5.
Надворешни промени
Почнувајќи од предниот дел, предните светла се редизајнирани со LED графика која ги вклучува дневните LED светла во бумеранг стил што се најдоа на другите нови модели на марката од Минхен. BMW очигледно мораше да направи дополнителни промени во изгледот, па решија да си „поиграат“ со надворешните акцентни завршетоци. Решетката на ладилникот е дотерана, а опкружувањето сега е завршено во мат хром, и во стандардната опрема и со пакетот M Sport.
Задниот дел ги има истите задни светла „Laserlight“ кои првпат беа претставени на ограниченото издание на BMW M4 CSL. Ако го изберете пакетот M Sport или на i4 или на Gran Coupe од Серија 4, ќе добиете понизок елемент на дифузорот кој сега е обоен во црно со висок сјај без оглед на опциите.
Надворешните промени ги заокружуваат две нови бои на екстериерот, Cape York Green металик и Vegas Red металик и нов дизајн на тркала од 19 и 20 инчи.
Лесно ажурирање на ентериерот
Љубителите на функционалните копчиња ќе бидат разочарани кога ќе слушнат дека за i4 и Серија 4 Grand Coupe, бројот на внатрешни копчиња е намален. Наместо тоа, работите стануваат подигитални, а функционалноста е вградена во ажурираниот BMW iDrive со QuickSelect.
QuickSelect е инфозабавен „скин“ што овозможува директно избирање на најчесто користените функции од почетниот екран. Како на мобилен телефон. Во секој случај, функциите на системот за автоматска контрола на климата и греењето на седиштата и воланот сега може да се управуваат со допир преку BMW Curved Display.
Другите ажурирања на ентериерот за моделската 2025 година вклучуваат нова опција за избрусени и дрвени облоги и опција за „галванизиран финиш“ за менувачот, контролорот iDrive и копчето Start/Stop. Има подобрувања и на вештачката кожа на BMW, „Sensatec“. Тапацирот сега има помазна и порафинирана површина и е стандарден материјал што доаѓа за спортските седишта, а кожата е опционален додаток. Кога веќе зборуваме, спортските седишта сега се стандардно вградени во палетата на i4 и Серија 4 Gran Coupe.
Ревидирана хибридна моќност за моделите со внатрешно согорување
Под хаубата, 430i има 2,0-литарски четирицилиндричен турбо мотор кој се одликува со 48-волтна благ хибридна интеграција. BMW вели дека самиот мотор со согорување е надграден со преработка на влезните порти и коморите за согорување, плус некои измени во контролата на брегастата осовина, вбризгувањето, системот за палење и насочувањето на издувните гасови.
Веројатно, придобивките може да се почувствуваат на патиштата, но на хартија, моќноста останува иста како и претходниот модел, со 259 КС и 400 Nm вртежен момент.
За помоќниот M440i Gran Coupe, го добивате истиот 3,0-литарски шестцилиндричен мотор што го има во 540i xDrive и X5 xDrive40i. Како и 430i со помала моќност, така и M440i добива 48-волти благ хибриден систем за дополнително засилување од 11 КС и 200 Nm вртежен момент што може да се активира околу 10 секунди.
Погонската единица произведува комбинирана моќност од 391 КС и 539 Nm вртежен момент. BMW проценува дека е доволно M440i да достигне до „стотка“ за 4,8 секунди со погон на задните тркала или 4,5 секунди во xDrive со погон на сите тркала.
BMW i4 и Серија 4 Gran Coupe за 2025 година ќе се произведуваат во фабриката на BMW во Минхен во Германија.