BMW подготви серија промени во својот опсег за 2022
Баварскиот гигант BMW најави еден куп унапредувања за својот опсег на модели, вклучително нови мотори, бои и опции за ентериерот за 2022 година
BMW има неколку новитети за своите модели за 2022 моделската година. Уште на самиот старт треба да се истакне достапноста на Серија 2 Coupe со нов 2,0-литарски турбо четирицилиндричен бензински мотор кој испорачува 245 КС и 400 Nm максимален вртежен момент. Овој мотор ќе се нуди во 230i Coupe варијантата и ќе биде во комбинација со осумстепениот Steptronic менувач и погон на сите четири тркала. Од нула до „стотка“ ќе стигнува за 5,9 секунди.
Од друга страна, BMW потврди дека од март 2022, нова 223i xDrive варијанта на Серија 2 Active Tourer ќе биде лансирана. Истата спојува систем на интелигентен погон на сите четири тркала со четирицилиндричен мотор и 48-волтна блага хибридна технологија за да испорача 218 КС и спринт до „стотка“ за 6,9 секунди. Серија 2 Active Tourer ќе биде достапна во нова нијанса наречена Piedmont Red и е унапредена со нов Driving Assistant Plus пакет кој вклучува асистенција за управување и одржување на коловозната лента.
BMW исто така го проширува и бројот на системи за асистенција на возачот кои ќе бидат достапни кај X3 и X4, додавајќи активен темпомат со Stop & Go функционалност.
Промени и кај Серија 4
Унапредувања се направени и во семејството на Серија 4. На пример, новата варијанта наречена 430i xDrive Gran Coupe ќе биде лансирана со 2,0-литарски четирицилиндричен мотор кој ќе испорачува 245 КС и 400 Nm кои ќе се испраќаат на сите четири тркала. Исто така добива осумстепена автоматска трансмисија, а за спринтот од 0 до 100 км/ч потребни и се 6,1 секунда. Покрај ова, Серија 4 и i4 сопствениците ќе имаат понуда и за поголема оптимизација од март 2022.
На пример, германскиот производител додаде неколку нови бои во палетата, вклучително Brilliant White металик и Frozen Dark Grey. Новиот M Carbon пакет за екстериерот е дел од новата понуда, додека унапредените спецификации за ентериерот вклучуваат BMW Individual Merino кожни опции. Исто така ново за 2022 година е достапноста на Parking Assistant Professional во iX и унапредената My BMW апликација со проширена функционалност која го олеснува лоцирањето и користењето на јавни полначи.
Унапредувањата од BMW за 2022 се заокружени со серија на нови опции за бојата на M5, вклучително Sophistico Grey Brilliant Effect металик, San Remo Green металик, Skyscraper Grey металик и Frozen Deep Grey металик. Покрај ова, како што беше претходно најавено, BMW исто така го претстави и историското лого со цел да ја прослави 50-годишнината на M дивизијата.