Новите Серија 5 и X1 ќе добијат електрична верзија
Следните генерации на BMW Серија 5 и X1 моделите ќе бидат достапни и со целосно електричен погон, покрај стандардните бензински, дизел и plug-in хибридни опции
Ова е дел од плановите на BMW за намалување на емисијата на CO2 по возило, за барем една третина за целосниот животен век на возилото до 2030 година. Баварскиот гигант е подготвен да пласира 25 хибридни и електрични модели до 2023 година.
Следните генерации на BMW Серија 5 и X1 моделите ќе ги следат чекорите на Серија 7 за 2022 година, кој ќе стане првиот BMW кој ќе биде достапен со сите типови на погон, вклучително и целосно електрична варијанта. Стандардните бензински и дизел варијанти за следните Серија 5, X1 и Серија 7 ќе добијат блага хибридна 48-волтна технологија исто така, што дополнително ќе помогне за BMW да ги достигне своите цели кога станува збор за емисијата на CO2.
До крајот на 2021, опсегот на електрични возила на BMW ќе вклучува не помалку од пет модели, вклучително и i3 кој веројатно ќе пристигне со унапредување на батеријата, потоа iX3, i4, новиот iNext SUV и Mini Cooper SE.
„Не правиме само апстрактни најави – ние имаме развиено детален десетгодишен план со годишни цели за до 2030 година. Ќе го пријавуваме нашиот прогрес секоја година и ќе се мериме во однос на овие цели“, изјави Оливер Ципсе, првиот човек на BMW.
Од BMW додаваат дека тие се на патот да ги пресретнат строгите регулативи на Европската унија за флотната емисија на CO2 оваа година. Германскиот производител има за цел да има повеќе од седум милиони електрифицирани модели на патиштата за 10 години, а две третини од нив да бидат целосно електрични.
Компанијата не објави никакви технички детали или датум за лансирање на електричните Серија 5 и X1. Сепак, BMW се очекува да користи сличен склоп со неодамна претставениот iX3, кој користи електромотор со 282 КС поставен на задната осовина и батерија со капацитет од 80 kWh.