BMW најавува повеќе SUV и електрични остварувања
BMW планира да ја прошири електричната гама со додавањето на компактни и луксузни модели, како и SUV изданија, за да одговори на насоката по која се движи автомобилската индустрија - лансирање на се повеќе електрифицирани возила
Веќе истакнавме дека во BMW глобално работат на ова поле, а компанијата веќе ги патентираше кратенките од i1 до i9, како и оние од iX1 до iX9. Сосема логично последните ќе се резервирани за SUV моделите. Во моментов BMW нуди два модели со ознаката i- целосно електричниот i3 градски хечбек и plug-in хибридот i8. Компанијата планира уште два електрични модели, од кои едниот најверојатно ќе го добие името i5, а другиот може да се именува i9.
BMW ја користи вуквата Х за своите спортски автомобили и кросовери, па логично е таквите електрични модели да бидат iX. Во 2020 година BMW ќе лансира електрична верзија на X3- iX3, а по ова може да следи и верзијата iX7, најави главниот извршен директор на BMW, Харалд Кругер, на средба со медиумите оваа недела.
Тој не сподели детали за развојот на електричната гама на BMW, но очекува електричниот предводник на брендот да е i9. Тој не криеше дека најпрестижниот SUV модел ќе може да има и кросоверска варијанта – iX9. Зачувувањето на овие имиња сугерира дека класичниот SUV опсег на BMW ќе продолжи да расте и ќе ги вклучува моделите X8 и X9.
Многу е веројатно X9 да биде насочен главно кон пазари како САД, Кина, Русија и Блискиот Исток, каде има сериозен интерес за модели кои ќе се поголеми од X7, кој ќе биде претставен наскоро и се очекува да биде со должина над пет метри. Следната година, X2 и X7 ќе доаѓаат со три реда на седишта, а BMW X серијата нуди седум модели.
– Нашата нова стратегија ќе биде Х-офанзивата. Затоа 2018 година ќе биде година на Х- модели, истакна Кругер.