BMW со водородни агрегати само во модели од повисоките класи
Во последниве години, BMW вложува многу во развојот на електрични автомобили, додека возилата на водород останаа во позадина
Ова не значи дека Баварците ја напуштиле оваа технологија, па најавија први автомобили на водород за 2025 година. Неодамна од компанијата ветија дека ограничени серии со автомобили на водород ќе бидат пуштени на некои пазари веќе во 2021, но сега сепак стигна и официјална информација дека овој период се пролонгира, за до 2025 година, откри директорот на единицата BMW Motorsport, Јенс Марквартд.
Според него, дури тогаш ќе бидат подготвени првите сериски модели на брендот со овој тип на погон, ништо порано. Баварската компанија е на мислење дека оваа технологија е сеуште прилично скапа и ја нема потребната инфраструктура за моделите на водородни горивни ќелии, па затоа и тие на некој начин „подзастанале“ со развојот.
Марквартд додава дека технологијата може да се користи прво во спортските модели на BMW, исто како што некои делови од електричните изведби се тестираат на болидите од Formula E.
BMW кон ова дополнува дека водородниот погон не треба да се користи за компактни модели како што е i3, туку само за оние од повисоките класи. Баварците веќе тестираат таков прототип врз основа на BMW 5 GT. Компанијата интензивно работи на проширување и надградба на станиците за полнење за овој тип на автомобил што тие го реализираат заедно со Shell.